[ФОТО] Ова е новиот „Mitsubishi Pajero“

Точка

02/09/2026

12:21

257

Големина на фонт

а а а

„Mitsubishi Motors“ ја претстави целосно новата генерација на „Pajero“, еден од најпознатите теренци во историјата на јапонската компанија.

Новиот „Pajero“ ја имаше својата светска премиера како нов водечки модел во понудата на „Mitsubishi“ и претставува почеток на ново поглавје за автомобилот кој во текот на повеќе од четири децении стана синоним за робусни теренци и сериозни способности надвор од асфалтот.

Производството на целосно новиот „Pajero“ ќе се одвива во фабриката на „Mitsubishi“ во Тајланд, каде што моделот прво ќе биде пуштен во продажба. Потоа ќе пристигне во Јапонија и Австралија во текот на фискалната 2026 година, додека од 2027 година „Mitsubishi“ планира да го продава на околу 100 пазари ширум светот.

Првиот „Pajero“ беше претставен во 1982 година, а во текот на четири генерации беа произведени повеќе од 3,29 милиони примероци. Моделот стана еден од симболите на „Mitsubishi“ и пронајде купувачи во повеќе од 170 земји и региони.


Дизајн кој потсетува на оригиналот

Новиот „Pajero“ ги задржува моќните, исправени пропорции и нагласените хоризонтални линии, додека масивните крила и обликуваните површини на каросеријата дополнително го истакнуваат неговиот робустен карактер.

„Mitsubishi“ во дизајнот вклучи и неколку детали кои претставуваат омаж на претходните генерации. Ц-столбот, на пример, е инспириран од заштитниот лак на првиот „Pajero“, додека задниот дел добива хексагонален мотив кој потсетува на резервното тркало поставено на задната врата кај постарите генерации.

Кабината добива значително помодерен пристап, со два интегрирани екрани со дијагонала од 14,3 инчи. Инструмент-таблата го задржува хоризонталниот распоред, додека во ентериерот се користени помеки материјали и детали кои треба да го нагласат премиум карактерот на новиот водечки модел на „Mitsubishi“.


Нов автоматски менувач и 2,4-литарски дизел

Една од најважните новини се наоѓа под хаубата.

Целосно новиот „Pajero“ користи специјално развиен 2,4-литарски дизел-мотор со турбополнач со променлива геометрија, кој развива максимални 480 Nm вртежен момент.

Моторот е поврзан со нов осумстепен автоматски менувач со спортски режим на работа. Од „Mitsubishi“ наведуваат дека целта била да се обезбеди силно забрзување при помали брзини, но и доволно моќ за возење на автопат и во тешки теренски услови.


За разлика од многу модерни СУВ-модели, новиот „Pajero“ ја задржува робусната конструкција со шасија со надолжна рамка.

Од „Mitsubishi“ наведуваат дека новата конструкција е поцврста, со поголема употреба на челик со висока цврстина, што би требало да придонесе за подобра издржливост, стабилност и однесување на автомобилот на патот.

Напред е поставена независна суспензија со двојни попречни рамена, додека назад се наоѓа нова крута оска со пет врски.


Големи димензии за сериозен теренец

Новиот „Mitsubishi Pajero“ е долг 4.920 милиметри, широк 1.925 и висок 1.910 милиметри, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2.870 милиметри. Растојанието од подлогата е 230 милиметри, а овие бројки јасно покажуваат дека „Mitsubishi“ не се откажал од теренскиот карактер на „Pajero“.

Вториот ред седишта може да се поместува во распон од 150 милиметри, додека „Mitsubishi“ посветил посебно внимание и на просторот во третиот ред. Предвидени се и вентилација на седиштата, како и автоматска тризонска климатизација.

Меѓу технолошките додатоци се наоѓа и системот „3D Multi Around Monitor“ со четири камери, кој овозможува преглед на околината на автомобилот и може да биде особено корисен при теренско возење.


Системот може да ја прикаже и подлогата непосредно пред и под возилото, со што на возачот му се олеснува проценката на пречките на тежок терен.

Достапни се и бројни системи за безбедност и асистенција, вклучувајќи автоматско сопирање во случај на опасност, помош за задржување во сообраќајната лента, адаптивен темпомат и системот „MI-PILOT“ за возење на автопат.

Новиот „Pajero“ има осум воздушни перничиња, вклучувајќи и централно воздушно перниче меѓу предните седишта. За љубителите на музиката е предвиден и аудиосистемот „Dynamic Sound Yamaha Ultimate“ со 12 звучници и два засилувачи.