Нова награда за филмот „Патот на кобра до ѕвездите“: “Гранд При“ за најдобар спортски филм на Меѓународен фестивал во Нишка Бања

Дерби

14/08/2026

11:31

231

Големина на фонт

а а а

Филмовите „Патот на Кобрата до ѕвездите“, во режија на Радован Максимовиќ – Макса од Белград, Србија, направен за легендарниот фудбалер Дарко Панчев, и “Булеварот на Ивица Осим“ (режисер Мухамед Бикиќ од Сараево, Босна и Херцеговина) ја добија “Гранд При“ наградата “Драган Пантелиќ – Панта“ за најдобар спортски филм на престижниот шести Меѓународен фестивал за документарни филмови, “Сити Фест 2026“.

Овој мошне квалитетен филмски фестивал се одржа под Покровителство на Општина Нишка Бања, од 7 до 9 август во Нишка Бања, крај Ниш, во Србија.

Филмот „Патот на Кобрата до ѕвездите“ е во копродукција на три врвни, повеќедецениски специјализирани спортски, медиуми од регионов – продукциската куќа “Спортнетворк НС“ од Србија која го реализираше филмот, потоа регионалната телевизија “ТВ Спорт Клуб“ од Србија и единственото (од трите специјализирани спортски радија кои беа на просторите на поранешна СФРЈ ) “Спортско радио 90,3 ФМ“ од Скопје Македонија – под генерално покровителство на “Универзитет Скопје“ на чело со Ректорот проф. д-р Г-дин Аце Миленковски.

Голема помош за документарецот даде и стручниот консултант, колегата спортскиот новинар, Живко Здравкоски, кој четврта деценија е спортски дописник од Македонија вклучително и за два од трите најстари активни печатени спортски весници во светот.

Во име на продукциската куќа “Спортнетворк НС“ од Србија, наградава “на Сити Фест 2026“, на подиумот, ја прими Г-дин Александар Станковиќ, сценарист и автор на филмов за Дарко Панчев. Станковиќ беше присутен на фестивалов заедно со, исто така повеќе децении успешниот спортски камерман, снимателот на овој филм, Г-дин Јован Јовановиќ – Јоца.

Примајќи ја наградата на “Сити Фест 2026,“ помеѓу другото Станковиќ, изјави:

– Ви пренесувам поздрав од Дарко Панчев, кој е емотивно поврзан за Ниш бидејќи овде не само што сјајно играше во дресовите на Вардар и Црвена Звезда против Раднички, туку и ги мина војничките денови, така што Ниш го смета за свој втор дом“, рече, помеѓу другото, Александар Станковиќ.

Легендарниот фудбалер Дарко Панчев е веројатно најголемиот спортски амбасадор на Македонија. Човек е по кого, повеќе од 40 години, Македонија е препознатлива ширум светот. Член е на “Клуб на великани“ на Македонскиот Олимписки Комитет. Еден од најуспешните и најпознатите Македонци во историјата. Најдобар фудбалер на 20-от век во Македонија. Носител на “Златна копачка“ на Европа и “Сребрена топка“, европски и светски првак со ФК Црвена Звезда од Белград, голгетер во сите групи во репрезентативните квалификации за ЕП 1992 година, по 4 пати беше шампион и најдобар стрелец во првенството на Југославија (по еднаш со Вардар и по три пати со Црвена Звезда).

На каналите на ТВ Спорт Клуб изминативе години, а во последниот период само во Хрватска и Словенија, се емитуваат филмот и серијава во 4 епизоди, што се круна на овој ненадминлив регионален проект.

Претходно во август 2023 година, филмов “Патот на Кобрата до ѕвездите“ ја доби наградата “Златна гондола“ за надобар филм за личност во спортот, во конкуренција на повеќе од 40 филма од 20 земји, на “12-от Меѓународен филмски фестивал на спортскиот филм – Златибор 2023“ кој беше одржан на Златибор, Србија. Истовремено, на тој Фестивал на Златибор, Г-дин Дарко Панчев доби и признание за животно дело за исклучителен допринос во спортот, при што наградите во негово име ги подигнаа сопругата Маја и ќерките Надица и Марија. На Златибор тогаш беше присутен и Директорот на “Спортско радио 90,3 ФМ Скопје“ Г-дин Тони Митев, кој беше присутен на подиумот на отворено на Кралскиот Плоштад во Златибор.

На изборот за најуспешни спортисти на Македонија 2023, посебна благодарница, од тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Г-дин Наумче Мојсоски, добија продуцентите на документарниот филм за Дарко Панчев – ТВ Спорт Клуб и СпортНетворк НС од Србија и Спортско радио 90,3 ФМ од Македонија. Наградите ги примија Радован Максимовиќ (во име на „Спортнетворк НС“ и на “ТВ Спорт Клуб“) и Тони Митев (во име на „Спортско радио 90,3 ФМ“).

Овој филм беше премиерно прикажан на гала спектакл на 24 април 2023 година во хотелот “Александар Палас“ во Скопје, една од најголемите спортски свечености во историјата на македонскиот спорт, а по тој повод во Македонија, помеѓу другите, од странство допатуваа и многу поранешни соиграчи на Панчев и други светски мошне познати фудбалски лица.