Пред само година и пол, Јан Диоманде беше речиси непознат за фудбалската јавност.
Денес, 19-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска потпишува за Реал Мадрид во трансфер вреден околу 120 милиони евра, со што станува најскапиот африкански фудбалер во историјата и новото рекордно засилување на „кралскиот клуб“.
Неговиот пат до врвот беше сè, само не лесен.
Босоного момче
Диоманде пораснал во Абиџан, каде што фудбал играл бос по улиците, бидејќи неговото семејство не можело да си дозволи ниту основна спортска опрема.
Уште на десетгодишна возраст го напуштил родителскиот дом и се преселил во фудбалска академија оддалечена повеќе од 100 километри, каде што практично пораснал сам, со многу малку средства, но цврсто решен еден ден да стане професионален фудбалер.
Американско разочарување
На 15 години направил уште поголем чекор – сосема сам заминал во Соединетите Американски Држави.
Не знаел ниту еден збор англиски, но јазикот го научил додека посетувал средно училиште и тренирал во „DME Academy“, академија попозната по кошарката отколку по фудбалот.
Иако неговиот талент бил очигледен, патот до професионален договор бил исполнет со разочарувања.
Бил на проба во Челси, Борнмут, Кристал Палас, Ренџерс и Олимпијакос, но ниту еден клуб не го задржал.

„Сите велеа: Не“
Подоцна открил дека го одбиле дури и резервните тимови на клубовите од МЛС.
„Сите велеа ’не‘. Никогаш не добив објаснување зошто“, се присети Диоманде.
Кога му истекла американската виза, се вратил во Брегот на Слоновата Коска, а токму тогаш ја добил шансата што му го променила животот.
Леганес му го понудил првиот професионален договор.
Семејна трагедија
Но, во моментот кога неговиот сон почнал да се остварува, го погодила најголемата трагедија.
Само неколку дена по дебито против Реал Мадрид на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, починала неговата 15-годишна сестра Роксан, со која бил исклучително близок.
Подоцна ѝ посветил емотивно писмо во кое напишал дека по нејзината смрт се чувствувал „како повеќе да не е човек“.
И покрај огромната болка, не се откажал.
Неколку месеци подоцна го постигнал првиот гол во професионалната кариера, посветувајќи ѝ го токму на својата сестра.
Метеорски подем
По само десет натпревари во Ла Лига, РБ Лајпциг го препознал неговиот огромен потенцијал и платил околу 20 милиони евра за неговиот трансфер.
Веќе во првата целосна сезона во Германија постигнал 13 голови и забележал 10 асистенции, потврдувајќи дека е еден од најголемите таленти во европскиот фудбал.
За неговиот потпис ова лето се бореа Ливерпул, Пари Сен Жермен и Реал Мадрид.
Иако долго време изгледаше дека ПСЖ е фаворит, на крајот Флорентино Перез успеа да го доведе во Мадрид.
Галактикос
Трансферот беше проследен и со правна битка околу неговите застапници, откако Диоманде премина од агенцијата на поранешниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска Макс Градел во „Roc Nation“, компанија основана од Џеј-Зи.
За само 17 месеци Диоманде помина пат од четвртата лига на американскиот фудбал до статус на еден од најбараните млади фудбалери во светот.
Во меѓувреме дебитираше за репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска на Светското првенство и уште на еден од првите настапи воодушеви со играта против Еквадор, по што беше прогласен за играч на натпреварот.
Неговата приказна не е само приказна за рекорден трансфер.
Тоа е приказна за момче кое играше босо по улиците на Абиџан, помина низ бројни одбивања, животни трагедии и големи жртви, за на само 19 години да го оствари својот сон и да го облече дресот на најголемиот клуб во светот.












