Кај Џозеф Паркер бил пронајден кокаин при допинг тестирање, но тој е ослободен од одговорност откако дал објаснување како супстанцата се нашла во неговиот организам.
Џозеф Паркер доби дозвола повторно да се врати во рингот и да боксува. Тој ја отслужи тримесечната суспензија откако падна на допинг тест за кокаин. Вообичаено, за вакви случаи следуваат значително построги казни, но Новозеланѓанецот успеал да се извлече бидејќи понудил објаснување што британските антидопинг власти го прифатиле како веродостојно.

Многумина се потсмеваат на ова објаснување и тврдат дека е невозможно вакво нешто да се случи, но конечната одлука ја донесе Британската антидопинг агенција (UKAD), која потврди дека неговата суспензија е завршена. Паркер беше позитивен на кокаин при допинг тестот направен ден по поразот од Фабио Вардли.

„На 6 март 2026 година, господинот Паркер ни достави докази со тврдење дека до изложеноста дошло поради неговиот нутриционист, кој користел кокаин додека се подготвувале за борбата. Неговиот нутриционист во својата изјава наведе дека редовно користел кокаин во неделите пред борбата“, се наведува во соопштението.

Ова не е првпат Паркер да падне на допинг тест, но сепак ќе се врати во рингот. Поранешниот светски шампион во тешка категорија има биланс од 36 победи и четири порази, а шампионскиот појас го загуби во борбата против Ентони Џошуа.



