Нова анализа открива какви автомобили ќе возиме во 2035 година.
Дизел моторите би можеле за десет години речиси целосно да исчезнат од европскиот пазар на нови автомобили.
Според најновата анализа на консултантската компанија „Boston Consulting Group“ (BCG), до 2035 година електричните автомобили ќе сочинуваат дури 87 проценти од сите новорегистрирани возила во Европа.

Студијата, која ја пренесува „Automobilwoche“, се темели на плановите на 19 од 20-те најголеми светски производители на автомобили и на прогнозите за развојот на пазарот по региони.
Во Европа, според проценките, покрај електричните автомобили, 7 проценти од пазарот ќе им припаднат на класичните хибриди, додека „plug-in“ хибридите и моделите со мотори со внатрешно согорување ќе имаат удел од само 3 проценти. Тоа практично значи дека дизел автомобилите речиси целосно ќе исчезнат од понудата на нови возила.

Сличен тренд се очекува и во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, каде што ќе доминираат електричните модели, со нешто поголем удел на „plug-in“ хибридите.
За разлика од Европа и Кина, во САД моторите со внатрешно согорување и понатаму ќе имаат значајна улога.
„BCG“ проценува дека дури четири од пет нови автомобили во оваа земја и во 2035 година ќе користат бензински или хибриден погон.

Анализата, исто така, покажува дека целта на Европската комисија за значително поголем удел на електричните возила до 2030 година би можела тешко да се оствари.
Имено, „BCG“ проценува дека електричните автомобили тогаш ќе сочинуваат околу 42 проценти од новите регистрации во ЕУ, што е значително помалку од очекувањата на европските регулатори.








