Хотелите во новозеландскиот град се резервираат две години однапред поради затемнувањето на Сонцето

Точка

23/07/2026

18:01

236

Големина на фонт

а а а

Хотелите во новозеландскиот град Данидин веќе две години однапред бележат огромен интерес поради целосното затемнување на Сонцето што ќе се случи во 2028 година, прв ваков настан видлив од тоа подрачје по повеќе од 850 години.

Затемнувањето ќе се случи на 22 јули 2028 година во 16:17 часот по локално време, кога Месечината ќе помине пред Сонцето и ќе фрли сенка широка околу 100 километри над делови од јужен Нов Зеланд, пренесува „Guardian“.

Во зоната на целосен мрак ќе се најде подрачјето од туристичкиот град Квинстаун на запад до Данидин на исток, каде што дневниот мрак ќе трае две минути и 51 секунда.

Иако до настанот има уште две години, сместувачките капацитети веќе забрзано се пополнуваат.


Хотелот „Dunedin Leisure Lodge“ веќе го распродаде својот пакет за затемнувањето на Сонцето, кој вклучува и бесплатни заштитни очила за набљудување на овој феномен.

Астрономот Ијан Грифин, директор на музејот „Tuhura Otago“, изјави дека последното целосно затемнување на Сонцето видливо од Данидин се случило во 1163 година, пред доаѓањето на луѓето на Нов Зеланд.

„Ќе бидеме првите луѓе во Данидин кои некогаш ќе видат целосно затемнување на Сонцето од овој дел на светот, што е навистина возбудливо“, изјави Грифин.


Ова воедно ќе биде и првото целосно затемнување на Сонцето видливо каде било во Нов Зеланд од 1965 година.

Музејот во Данидин започна двегодишно одбројување до настанот, кој се очекува да биде голем туристички потфат за градот.

Проценките се дека околу 35.000 посетители ќе пристигнат во градот со околу 130.000 жители.


Настанот ќе се одржи за време на новозеландската зима, веднаш по прославата на Матарики, маорската Нова година.

Матарики е име за ѕвезденото јато познато во другите делови на светот како Плејади.

Данидин планира фестивал на ноќното небо, кој ќе започне за време на Матарики и ќе трае сè до целосното затемнување на Сонцето.

Градоначалничката на Данидин, Софи Баркер, изјави дека возбудата поради овој настан веќе се чувствува низ целиот град.