Раководството на Реал Мадрид реши да го повтори чекорот кој го презема во однос на шпекулациите за трансфер на Мајкл Олисе, па денеска издаде слично соопштение поврзано со Енцо Фернандез.
Откако стана јасно дека аргентинскиот репрезентативец бара начин да се раздели со Челси и посакува трансфер во Реал Мадрид, дел од медиумите постојано шпекулираат дека Енцо е желба и на Жозе Мурињо и Реал размислува да најде компромис за негово ангажирање од редовите на премиерлигашот.
Очигледно на одговорните во Реал не им се допаѓа тоа што се шират вакви дезинформации, па со соопштение е потенцирано дека клубот нема направено ниту еден потег во насока на преговори за Фернандез и сака да го задржи својот одличен однос со неговиот сегашен клуб.
– Во контекст на извештаите и изјавите што се појавија последните денови во врска со наводниот интерес на Реал Мадрид за играчот Енцо Фернандез, клубот сака да изјави дека не презел никаква активност, директна и индиректна, да го ангажира гореспоменатиот играч и нема намера да преземе таква операција.
– Реал Мадрид изразува најголема почит кон Енцо Фернандез, одличен фудбалер чија кариера и квалитет се широко познати, како и кон Челси, клуб со кој одржува одлични институционални односи. Токму поради почитта што ја заслужува еден ентитет како Челси и поради принципите на институционална лојалност што отсекогаш ги регулирале активностите на Реал Мадрид, клубот смета дека е потребно категорично да ги негира шпекулациите што се неосновани и не одговараат на реалноста.
– Реал Мадрид жали што, и покрај јасноста на фактите и недостатокот на каква било акција од страна на клубот, продолжуваат да се шират информации што не одговараат на реалноста и што само придонесуваат за создавање конфузија кај навивачите и непотребно оштетување на вклучените субјекти и лица, – стои во соопштението на клубот.











