Германија сè уште закрепнува од катастрофалниот пораз од Парагвај по изведување пенали во шеснаесетфиналето на Светското првенство.
Јулијан Нагелсман се најде под силен притисок по елиминацијата во шеснаесетфиналето, но Оливер Кан смета дека е погрешно целата вина да се префрли врз селекторот.
Легендарниот германски голман и поранешен челник на Баерн Минхен е убеден дека проблемот на германскиот фудбал е многу подлабок од тренерската клупа.

Кан потсетува дека Германија веќе со години доживува разочарувања на Светските првенства, и тоа под водство на различни селектори, со различни стилови на игра и различни идеи.
„Дебатата околу селекторот го одвлекува вниманието од она што е навистина важно. Тројца селектори потфрлија на истото место: Јоаким Лев, Ханси Флик и Јулијан Нагелсман. Три различни идеи за игра, три различни стилови на водење, а исходот е ист. Ако тројца тренери со различни пристапи постојано запираат на истото место, тогаш причината лежи многу подлабоко“, порача Кан.

Кимих барал изведувачи на пенали
Оливер Кан особено го издвои моментот пред пенал-рулетот против Парагвај. За него, токму таа сцена најдобро покажала што денес ѝ недостига на германската репрезентација.
Јошуа Кимих, еден од лидерите на тимот, барал фудбалери кои ќе ја преземат одговорноста и ќе изведуваат пенали. Кан смета дека една врвна репрезентација во таков момент не смее да бара доброволци, туку мора да има играчи кои сами ќе ја побараат топката.

„Го видовте ли што се случи пред изведувањето на пеналите? Јошуа Кимих бараше изведувачи. За мене, тоа беше моментот што откри сè за оваа елиминација“, изјави Кан.
Потоа ја додаде реченицата што најсилно одекна во германската јавност:
„Врвен тим во таква ситуација не бара доброволци. Тој има играчи кои сами ја бараат топката.“








