На навивачите на Катар целосно им било платено доаѓањето на дуелот со БиХ: „Некои од нас никогаш не биле на стадион“

Точка

25/06/2026

18:16

376

Големина на фонт

а а а

Катарскиот фудбалски сојуз се најде во центарот на вниманието по тврдењата на британскиот „Телеграф Спорт“ дека финансирал патувања на стотици навивачи на Светското првенство во 2026 година за да ѝ дадат поддршка на репрезентацијата во текот на групната фаза од натпреварувањето.

Според наводите на угледниот британски медиум, околу 1.000 лица добиле бесплатни авионски билети, хотелско сместување и влезници за натпреварите на Катар во Соединетите Американски Држави и Канада.

Новинарите на „Телеграф“ тврдат дека меѓу нив имало и луѓе кои никогаш претходно не присуствувале на фудбалски натпревар, а некои немале никаква директна врска со Катар.


Во пресрет на последниот натпревар од групната фаза против Босна и Херцеговина во Сиетл, бил организиран посебен состанок за навивачите во хотелот „Hyatt Regency“.

На присутните им биле поделени дресови, капи, очила и знамиња на Катар, а наводно добиле и инструкции за организирано навивање за време на натпреварот.

„Телеграф“ наведува дека дел од навивачите пристигнале од Катар на целосно платени патувања, додека некои живеат во САД и Канада и добиле бесплатни влезници за натпреварите.


Дури една четвртина од оние кои разговарале со споменатите новинари зеле бесплатни билети, иако немале никаква врска со земјата која има 3,37 милиони жители.

„Многумина од нас никогаш не ни стапнале на стадион“, рекол еден средовечен маж, кој е роден во Саудиска Арабија, но сега живее во сојузната држава Вашингтон.


„Се забавував како никогаш во животот“, додал уште еден маж, белец, Американец, кој под дресот на Катар носел бразилски дрес.

Катарскиот фудбалски сојуз претходно и официјално го потврди постоењето на програмата за поддршка на навивачите. Во соопштение објавено на почетокот на јуни беше наведено дека околу 1.000 лица преку „Програмата на делегацијата на катарски навивачи“ ќе добијат покриени трошоци за патување, сместување и локален превоз.


Како причина беше наведена желбата на репрезентацијата да ѝ се обезбеди што подобра поддршка на трибините за време на настапот на Светското првенство.

И покрај организираната поддршка, Катарците во Сиетл беа далеку помалубројни од навивачите на Босна и Херцеговина.

Според проценките на присутните новинари, дури околу 90 отсто од публиката на стадионот „Лумен Филд“ навивала за „Змејовите“, кои славеа победа со резултат 3:1 и така обезбедија пласман во нокаут-фазата.


Катарските навивачи сепак во текот на целиот натпревар се обидуваа да ѝ дадат поддршка на својата репрезентација, а по натпреварот организирано со автобуси беа вратени во хотелите во градот.

Селекторот на Катар, Хулен Лопетеги по поразот не ја криел благодарноста кон навивачите.

„Благодарен сум им на нашите навивачи. Беа во малцинство, но нè поддржуваа од првата до последната минута. Жал ми е поради резултатот, но верувам дека можат да бидат горди на овој тим, бидејќи го дадовме максимумот“, порачал шпанскиот експерт.

Катар го заврши натпреварувањето на последното место во групата, додека Босна и Херцеговина ја продолжи борбата за пласман во завршницата на Светското првенство.

Фото: Телеграф