Македонија се гордее - Историски резултат: Ѓорческа ја преслуша Бронцети и за првпат ќе заигра на главниот турнир на Вимблдон!

Дерби

25/06/2026

18:26

574

Големина на фонт

а а а

Лина Ѓорческа го оствари најголемиот успех во својата играчка кариера, откако ова попладне направи фантастичен резултат во финалното квалификациско коло во Ол Ингланд клубот.

Откако ги мина двете воведни квалификациски рунди на Вимблдон, Лина дојде на дофат од најголем успех во кариерата, а попладнево со извонредна игра дојде до посакуван резултат.

Македонката влезе како аутсајдер во дуелот со подобро рангираната тенисерка од Италија, Лучија Бронцети, но на теренот се одвиваше нешто сосема друго и Лина прикажа страшна доминација.

Ѓорческа изјуриша во првиот сет кој го доби со 6:1, а иако имаше мали проблеми на стартот на вториот, брзо успеа да ги надмине истите и повторно да преземе контрола.


Лина во вториот сет и препушти два гејма на Италијанката и славеше со 6:2, па така со убедлив резултат и во фантастичен ритам се пласира на главниот турнир на Вимблдон.

За првпат во својата кариера, Лина ќе биде дел од еден главен турнир на четирите грен слем турнири, бидејќи досега нејзин најдобар резутлат беше третото квалификациско коло на Аустралијан Опен.

Ждрепката за главниот турнир на Вимблдон се одржува утре наутро, па сега сите ќе бидеме во исчекување на првата ривалка која ќе ја добие Македонката во воведното коло на најпрестижниот турнир во светот.