[ВИДЕО] Најпознатиот навивач пристигна на Мундијалот: „Лумумба“ го реши проблемот со визата – ќе ги бодри Леопардите во Мексико

Точка

23/06/2026

16:28

449

Големина на фонт

а а а

Пред нас е уште еден возбудлив ден на Светското фудбалско првенство, во кој нè очекуваат натпреварите од второто коло во групите К и Л, а особено возбудливо ќе биде во Мексико, каде што во Гвадалахара ќе се сретнат Колумбија и ДР Конго.

Африканците приредија сензација во првото коло, откако одиграа нерешено против Португалија, а сега ќе се обидат да направат ново чудо против Јужноамериканците, кои се во одлична форма и во првото коло го совладаа Узбекистан со 3:1.


ДР Конго привлече големо внимание и на Африканскиот куп на нации, каде што играше одлично, а на трибините го имаше и најпознатиот навивач. Поради проблеми со визата, тој не беше присутен на првиот натпревар против Португалија.


Станува збор за Мајкл Мболадинга, попознат како „Лумумба“, кој стана светска сензација поради начинот на кој ги следи натпреварите – стоејќи во позата на споменикот на легендарниот водач на Народното движење на ДР Конго, Патрис Лумумба.


Тој на ваков начин ги следеше натпреварите на Африканскиот куп на нации во Мароко, а сега ќе ѝ дава поддршка на репрезентацијата и на Светското првенство.

Мболадинга беше снимен на аеродромот во Гвадалахара, каде што неговата репрезентација во 4 часот наутро (по наше време), во ноќта меѓу вторник и среда, ќе игра против Колумбија.

„Лумумба“ и на аеродромот беше облечен во својот препознатлив стил – носеше син костум, а нема сомнеж дека на трибините на стадионот „Акрон“ ќе биде една од најбараните личности.