Додека фудбалските ѕвезди вообичаено доминираат на насловните страници за време на големите натпреварувања, еден навивач успеа да привлече голем дел од медиумското внимание на овогодишното Светско фудбалско првенство.
По натпреварот на Турција, социјалните мрежи беа преплавени со фотографии и видеоснимки од необичниот навивач, чиј изглед веднаш стана вирален ширум светот.

Неговото вистинско име е Неџдет Олчерман, а на Инстаграм се претставува како Уди Нецо и брзо стана една од најпрепознатливите личности на турнирот. Првпат беше забележан на трибините за време на првиот натпревар на Турција на првенството, одигран во Ванкувер, во кој Турција загуби од Австралија со 2:0. Нецо привлече внимание со впечатливиот изглед — црна боја со која ги покрива лицето, вратот, рацете и нозете, бели контактни леќи, како и густи бели мустаќи и брада.
Повеќе од четири децении верност
Иако многумина на почетокот мислеа дека станува збор за костим инспириран од некој филмски лик, зад сето тоа се крие многу подлабока приказна. Уди Нецо во Турција е добро познато име меѓу фудбалските навивачи.
Роден е во Германија, но има турско потекло, а повеќе од 40 години ја следи репрезентацијата на бројни натпревари ширум светот, пишува „Ногоманија“. Тој е и еден од најистакнатите навивачи на Бешикташ, истанбулскиот фудбалски гигант.
Значењето зад впечатливиот изглед
Неговиот уникатен изглед е тесно поврзан со идентитетот на клубот. Се бои во црно бидејќи црната и белата се традиционалните бои на Бешикташ, а тој ги претворил во свој личен заштитен знак.
Според турските медиуми, неговиот имиџ е инспириран од симболот „Црниот бик“, кој за него претставува сила, издржливост и неподготвеност за предавање — особини што, според неговото мислење, треба да ги красат и навивачите и играчите.
Кој е всушност Неџдет Олчерман?
Тој е успешен златар, а некогаш служел и во турската полиција. Покрај тоа, многу е популарен на социјалните мрежи, каде што има повеќе од 1,1 милион следбеници, а само во последните две недели добил повеќе од 500 илјади нови следбеници.

Неговиот углед во турските фудбалски кругови е толку голем што поранешниот претседател на Бешикташ, Хасан Арат, наводно го поканил на разговор за иднината на клубот.











