[ВИДЕО] Погледнете како настанува најинтересниот електричен модел на VW групацијата

Точка

19/06/2026

21:23

365

Големина на фонт

а а а

Во исчекување на неговото пристигнување на пазарот, „Cupra“ открива што сè стои зад производството на атрактивниот електричен модел кој наскоро ќе се појави на европските патишта.

Станува збор за првиот целосно електричен модел што „Cupra“ самостојно го осмислила, развила и произвела во својата фабрика во шпанскиот град Марторел. Фабриката во последните години помина низ голема трансформација за да биде подготвена за производство на напредни електрични возила.

За подготовка на производството на новиот модел, „Cupra“ модернизираше речиси 160.000 квадратни метри производствен простор. Во погон беа воведени околу 1.000 нови роботи, а вработените поминаа дополнителна обука за работа со електрични возила.

Производната линија сега е целосно приспособена на барањата на електрификацијата, од изработката на поединечните делови до финалното склопување на автомобилот.

Една од најмоќните преси во светот

Меѓу најимпресивните делови од производствениот процес се наоѓа пресата PXL, која „Cupra“ ја опишува како една од технолошки најнапредните и најмоќните преси во светот.

Нејзиниот годишен капацитет достигнува дури четири милиони делови, а токму со неа се обликуваат клучните компоненти на каросеријата.


Роботите го проверуваат секој милиметар

Посебна улога има системот за прецизно мерење кој во текот на производството постојано ги проверува димензиите на возилото.

Четири роботи опремени со камери и шест сензори го мерат и калибрираат автомобилот во реално време, обезбедувајќи високо ниво на прецизност во текот на целиот процес на склопување.

Во фабриката работат и таканаречените "Titan" роботи, најголемите роботи во Марторел. Високи се околу 2,5 метри и можат да подигнат товар тежок до 1.000 килограми. Нивната задача е спојување на големите странични панели со остатокот од каросеријата.


Ласери и специјални бои

Покривот на возилото се заварува во една од најбрзите ласерски кабини во рамките на „Volkswagen“ групацијата.

Потоа следува процесот на фарбање, а меѓу новитетите е и електричната "KTL" печка, која работи без емисии на CO₂.

Благодарение на новите технологии за фарбање, моделот "Raval" ќе биде достапен и во специјални нијанси како "Iridescent Plasma" и "Manganese Matt".


Батеријата патува повеќе од 600 метри пред вградување

Еден од најинтересните детали се однесува на батерискиот систем. Батериите се произведуваат во посебен погон, а потоа преку покриен мост долг повеќе од 600 метри патуваат до производната линија.

Дури тогаш се поврзуваат со електромоторот и платформата на возилото, по што се вградуваат во автомобилот.

Новата "Cupra Raval" ќе биде еден од најважните модели на брендот во наредните години. Шпанскиот производител верува дека комбинацијата од електричен погон, спортски карактер и впечатлив дизајн ќе привлече нови купувачи, особено оние кои досега биле резервирани кон електричните автомобили.