Вакво „Југо“ ретко се гледа: Се продава за 10.500 евра

Точка

17/06/2026

19:36

812

Големина на фонт

а а а

"Yugo 45" од 1989 година, со само 16.923 милји на километражата, е еден од најдобро сочуваните примероци во Велика Британија.

Вистински скапоцен камен меѓу југословенските автомобили се појави на британскиот пазар.

Станува збор за "Yugo 45 A" од 1989 година, кој за речиси четири децении поминал само 16.923 милји, односно околу 27.200 километри.

Автомобилот бил испорачан како нов во Велика Британија на 1 август 1989 година, а благодарение на внимателните сопственици е зачуван во речиси фабричка состојба.

Каросеријата во оригиналната сина боја „Cannes Blue“ нема траги од корозија ниту посериозни поправки, а сочувани се дури и оригиналните налепници, регистарските таблички на дилерот и фабричките стакла, се наведува во огласот.

И внатрешноста е подеднакво импресивна.


Седиштата, облогите и инструмент-таблата покажуваат минимални знаци на истрошеност, а во автомобилот сè уште се наоѓа оригиналниот „Philips“ радио-касетофон, како и комплетот фабрички алат.

Под хаубата се наоѓа добро познатиот четирицилиндричен мотор од 903 кубни сантиметри со 45 коњски сили, комбиниран со четиристепен мануелен менувач. Моторниот простор останал речиси недопрен, со зачувани фабрички ознаки и дури налепница со натписот „Made in Yugoslavia“.


Посебна вредност на овој примерок му дава богатата документација, која вклучува сервисна историја, брошури, фабрички прирачници и оригинални документи од периодот кога „Yugo“ се продавал на британскиот пазар.

Во текот на 2026 година автомобилот поминал голем сервис, како и обнова на сопирачкиот и горивниот систем.


Вака сочувано „Југо“ денес претставува вистинска реткост и сигурно привлекува внимание кај љубителите на класични автомобили на секој автомобилски собир.

Затоа не е изненадување што британската компанија специјализирана за продажба на класични возила „KGF Classic Cars“ го понудила на продажба за 8.995 фунти, што изнесува приближно 10.500 евра.