Главниот извршен директор на компанијата „OpenAI“, Сем Алтман, вчера сведочеше во судскиот спор што против него го започна Илон Маск, а кој веќе со недели го привлекува вниманието на „Silicon Valley“.
Сведочењето на Алтман донесе неколку интересни детали, а особено се издвојува обвинувањето дека Маск за време на важни состаноци имал навика да ги тера присутните да гледаат мемиња на неговиот телефон, пишува „Futurism“.
Разговор за преземање проследен со покажување мемиња
Според извештајот на „New York Times“, Алтман на суд потврдил дека на еден состанок се разговарало за можноста „Tesla“, производителот на електрични автомобили на Маск, да го преземе „OpenAI“. Станувало збор за потенцијално голем договор, особено во контекст на тужбата на Маск, во која тврди дека Алтман го претворил „OpenAI“ од непрофитна во профитна организација.

Меѓутоа, за време на тој клучен состанок, Алтман тврди дека Маск ги прекинувал разговорите за да им покажува интернет мемиња на присутните.
„Долго, долго време Илон ни покажуваше мемиња на својот телефон“, му рекол Алтман на судот.
Како што пишува „New York Times“, судскиот записничар потоа го замолил Алтман гласно да повтори: „МЕМИЊА НА СВОЈОТ ТЕЛЕФОН.“

Познатата склоност на Маск кон интернет културата
Иако кредибилитетот на Алтман и претходно бил доведуван во прашање, ова обвинување делува во согласност со јавниот имиџ на Маск и неговата фасцинација со интернет културата.
Станува збор, како што потсетува „New York Times“, за човек кој упорно коментирал објави на Хејли Велч, попозната како „Hawk Tuah girl“, на платформата „X“, поранешен „Twitter“, која подоцна и ја купи.
Минатата година, покрај едно меме од „Star Wars“, Маск изјави дека „мемињата се најгустата форма на комуникација на информации“.







