Новиот „Jaguar“ пристигна во Монако, наскоро и официјална премиера

Точка

19/05/2026

19:44

329

Големина на фонт

а а а

Британскиот бренд објави нови фотографии од моделот „Type 01“, снимени за време на тестирањата на улиците на Монако, само неколку месеци пред официјалната премиера.

„Jaguar“ продолжува со подготовките за лансирањето на својот прв целосно нов електричен модел развиен по откажувањето од моторите со внатрешно согорување. Автомобилот сега остана без дебелата камуфлажа што го криеше дизајнот за време на претходните тестирања.

Останала само тенка заштитна фолија која открива многу повеќе детали од серискиот модел.

Фотографиите покажуваат дека прототипот е речиси целосно завршен, па веќе се видливи сензорите на ветробранското стакло, паркинг-сензорите и големата антена на покривот. Нема сомнеж дека станува збор за завршна фаза од развојот на автомобил кој за „Jaguar“ има егзистенцијално значење.


Четири врати наместо концептен изглед

Најголемата разлика во однос на концептниот автомобил се однесува на практичноста. „Type 01“ сега доаѓа со конфигурација со четири врати, додека концептот имаше поизразен купе-пристап.

Автомобилот го задржува многу долгиот преден дел, иако бензински мотор не е опција, ниту како продолжувач на автономијата.

Поради тоа, се очекува големиот преден простор да крие простраен преден багажник.

Задниот багажник, пак, изгледа многу компактен за автомобил со вкупна должина од околу 5,2 метри.


„Type 01“ нема задно стакло

Новите фотографии потврдуваат уште еден необичен детал – „Type 01“ нема класично задно стакло.

Автомобилот исто така нема традиционална предна маска на ладилникот. Наместо тоа, користи помал долен отвор за воздух сместен под регистарската табличка.

Предните „LED“ светла остануваат многу тенкии минималистички, слично како кај концептниот модел, додека крилата се силно нагласени и дополнително ја истакнуваат ширината на автомобилот.


Електричен „GT“ со 1000 коњски сили

Новиот модел на „Jaguar“ е развиен како луксузен електричен „GT“, а по димензиите и пропорциите потсетува на електричниот „Cadillac Celestiq“.

Меѓуоскиното растојание изнесува дури 3,2 метра, а автомобилот стандардно доаѓа со големи 23-инчни тркала.

За погонот се задолжени три електромотори со вкупна моќност од 1000 коњски сили и повеќе од 1300 Nm вртежен момент.


Од „Jaguar“ наведуваат дека новиот модел ќе понуди целосно поинакво чувство при возење во споредба со останатите електрични автомобили.

Официјалното претставување на моделот „Type 01“ се очекува во текот на следните месеци, додека првите испораки до купувачите би требало да започнат во текот на 2027 година.