Лино Червар шокираше со изборот за најдобар ракометар на сите времиња: Не се ниту Балиќ, ниту Карабатиќ, туку Кире

Точка

18/05/2026

16:39

715

Големина на фонт

а а а

Лино Червар ја водеше златната генерација на Хрватска, освои сè што можеше да се освои во ракометот и беше тренер на Иван Балиќ, за кого многумина сметаат дека е најголемиот ракометар во историјата. Водеше големи битки и против Никола Карабатиќ во неговите најдобри денови.

Сепак, кога зборува за најдобриот ракометар на сите времиња, Червар избира некој трет – Кирил Лазаров.

Легендарниот хрватски тренер за Лазаров зборуваше во неговата автобиографија „Само на победа“, а неговите зборови имаат уште поголема тежина бидејќи доаѓаат од човек кој во кариерата работел со најголемите.

Червар го запознал Лазаров уште како млад македонски ракометар и веднаш, како што вели, сфатил дека станува збор за посебна личност.

„Воспитувањето на еден млад човек и спортист беше првото нешто што го забележав кога првпат се сретнавме во летото 2000 година. Знаеше да гради здрава и искрена комуникација, а тоа всушност е култура. Култура нема секој во денешниот свет. Кире имаше харизма, а не само спортски талент“, изјави Червар.


„Во него видов нешто повеќе од обичен играч“

Червар и Лазаров особено се поврзани од деновите во Загреб, каде што соработувале на почетокот на 2000-тите.

Тогаш младиот Македонец почнал да покажува зошто подоцна ќе стане еден од најголемите стрелци во историјата на ракометот.

„Во него препознав нешто повеќе од обичен играч. Видов дека станува збор за посебен карактер кој е решен да стане врвен спортист. Имаше работна етика, остануваше и по тренинзите. Развивавме периферен вид, а секое негово додавање уште тогаш имаше очи“, се присети Червар.

Тој особено ја истакна способноста на Лазаров да учи од сопствените грешки и да биде самокритичен, што според него е особина на најголемите.

„Знаеше да зборува за своите грешки. Тоа е негов квалитет. Неговата биографија е повеќе од животна приказна. Тоа е лекција од која можат да учат младите ракометари“, порача Червар.


„За мене Кире е најдобар на сите времиња“

Најинтересниот дел доаѓа кога Червар објаснува зошто Лазаров го става пред сите останати.

„Јас го гледам Кире Лазаров како најдобар играч на сите времиња ако се земе предвид критериумот играч како комплетна личност и вредност што трае повеќе од 40 години, и тоа секогаш на врвно ниво. Тоа не му успеало на ниту еден друг врвен играч“, изјави Червар.

Лазаров настапуваше на највисоко ниво повеќе од две децении – од Пелистер кон крајот на 90-тите, па сè до Нант, каде што ја заврши кариерата по 40-тата година.

Токму таа долговечност е пресудна за Червар.

„Никој како Кире не успеал да игра врвен ракомет на 41 година. Ако критериум е долговечноста, Кире е прв на листата“, нагласи тој.

Червар го опишува како играч со победнички менталитет, но и како вистински господин во ракометот.

„Тој не е бројка. Тој е име и презиме, човек на одлука. Кире Лазаров. Човек со изразен победнички став кон животот и спортот. Истовремено играч со убиствен инстинкт и господин на фер-плејот.“


Голем играч, а сега и тренер што расте

Лазаров по играчката кариера брзо тргна и по тренерскиот пат. Ја водеше македонската репрезентација, а со Алкалоид веќе оствари големи успеси.

Червар верува дека ниту тука не го кажал последниот збор.

Особено го пофали и за односот кон татковината.

„Во неговиот пристап кон играњето за својата земја секогаш се чувствуваше љубовта кон татковината и сопствениот народ. Никогаш не се двоумеше, дури ни кога му нудеа пасоши од други репрезентации. Секогаш знаеше каде му се домот и земјата во која е роден“, рече Червар.

На крајот упати можеби и најубав комплимент:

„Образован, со течно познавање на неколку светски јазици, тој е најдобриот министер за надворешни работи на својата Македонија.“