Откриена тајната на најсреќната репрезентација на Мундијалот: Фудбалерите ги делат собите со сопругите и девојките

Точка

23/06/2026

21:54

706

Големина на фонт

а а а

Додека повеќето репрезентации на Светското фудбалско првенство строго ги одвојуваат играчите од нивните семејства за време на турнирот, Курасао одлучи да тргне по сосема поинаков пат.

Карипската репрезентација, која првпат настапува на Мундијалот, им дозволи на своите фудбалери за време на турнирот во Соединетите Американски Држави да престојуваат со сопругите, партнерките и децата во истиот хотел.


Оваа одлука ја објаснила докторката на тимот, Сузан Хурман, единствената жена лекар меѓу репрезентациите на Мундијалот.

„Играчите можат да ја делат собата со соиграч или со своето семејство. Кога имаат деца, семејството добива дополнителна соба. Курасао е мала и многу семејно ориентирана земја и сакавме на нашите играчи да им го олесниме престојот далеку од домот“, истакнала Хурман.


Таа додала дека присуството на семејството позитивно влијае врз психолошката состојба на играчите за време на долгиот турнир.

„Верувам дека сексот, интимноста и времето поминато со семејството помагаат, пред сè на емоционален план. Присуството на најблиските ги намалува носталгијата и стресот и носи чувство на мир“, нагласила докторката.


Фудбалскиот сојуз на Курасао дури одлучил и да ги покрие трошоците за патувањето и сместувањето на семејствата, сметајќи дека на многу играчи би им било тешко финансиски да го издржат повеќенеделниот престој на своите најблиски во САД.


Иако на првите два натпревари освоија само еден бод, репрезентативците на Курасао веќе станаа една од најинтересните приказни на овој Мундијал.

Особено се истакна голманот Елрој Рум, кој во ремито против Еквадор (0:0) забележа дури 15 одбрани, што е рекорд на Светските првенства откако се води детална статистика. Неговиот настап предизвика огромно внимание на социјалните мрежи, а бројот на следбеници на Инстаграм му порасна од нешто повеќе од 120.000 на над еден милион за само неколку дена.


За најмалата држава што некогаш се пласирала на Светско фудбалско првенство, самиот настап меѓу најдобрите репрезентации во светот веќе претставува историски успех.