Кинески пикап кој изгледа како спој од „Defender“ и стара „Toyota“ пристигнува во Европа.
„Land Rover“ во последните години ја прошири понудата на моделот „Defender“ со изведбите 90, 110 и 130, но и понатаму нема пикап верзија каква што нудеа постарите генерации на легендарниот теренец.
Таа празнина сега се обидува да ја пополни кинескиот производител „BAW“ со својот модел „212 pickup“, кој наскоро пристигнува на европскиот пазар благодарение на германскиот увозник „Indimo Automotive“.
Новиот пикап е наменет за купувачи кои бараат сериозни теренски способности, робустна конструкција и секојдневна практичност. Притоа носи дизајн кој не ја крие инспирацијата од некои од најпознатите теренци на сите времиња.

Изгледа како комбинација од „Defender“ и стара „Toyota“
Уште на прв поглед е јасно дека „BAW 212 pickup“ силно потсетува на постарите генерации на моделот „Defender“. Формата на кабината и страничната линија се речиси идентични, додека предниот дел носи детали инспирирани од класичниот модел „Toyota Land Cruiser FJ40“. Проширените крила, пак, асоцираат на теренците на „Jeep“.
Има и неколку модерни детали како кружни „LED“ светла и 18-инчни тркала.
Поголем од стариот „Defender“
Пикапот е долг 5.469 мм, широк 1.950 мм и висок 1.970 мм, со меѓуоскино растојание од 3.488 мм.
Со тоа е значително поголем од поранешните „Defender 110“ и „130 pickup“ изведби, а е само 69 мм пократок од моделот „Jeep Gladiator“. Товарниот простор е долг 1.555 мм.

Модерен ентериер со богата опрема
Додека надворешниот дизајн потсетува на неколку познати теренци, внатрешноста е помодерна и технолошки богато опремена.
Возачот го пречекуваат дигитална инструмент табла од 10,25 инчи, „infotainment“ екран од 12,3 инчи и поврзување преку „Android Auto“ и „Apple CarPlay“.
Европската верзија доаѓа со многу богата опрема, која вклучува загревани, вентилирани и електрично приспособливи предни седишта во 10 насоки, безжичен полнач за мобилен телефон, аудио систем со осум звучници, двозонска автоматска клима и камера од 360 степени. Без доплата се добива и темпомат.
Седиштата се обложени со вештачка кожа, додека воланот е обложен со вистинска кожа.

Дизел мотор под хаубата
Под хаубата се наоѓа 2,3-литарски турбодизел мотор кој развива 190 коњски сили и 500 Nm вртежен момент.
Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач и погон на сите тркала, а максималната брзина изнесува 160 км/ч.
„BAW 212“ користи класична шасија со рамка, крути осовини и блокада на предниот, централниот и задниот диференцијал. Растојанието од подлогата изнесува 250 мм, а на возачот му се достапни бројни режими на возење, вклучувајќи и неколку специјализирани за возење надвор од пат.

Поевтин од „Hilux“ и „Ranger“
Цената во Германија започнува од 41.995 евра со вклучен ДДВ, што го прави значително поевтин од потенцијалните конкуренти.













