СЗО: Само четири европски земји вакцинираат доволно луѓе за да се одбранат од сезонски грип

Макфакс

24/04/2026

23:01

195

Големина на фонт

а а а

Во анализа што опфаќа податоци за Европа во последните 15 години, Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека побогатите земји со текот на времето дистрибуираат 10 пати повеќе дози вакцини против грип по лице во споредба со посиромашните соседни држави.

Иако вакцинацијата против сезонски грип постои како мерка на СЗО повеќе од 20 години, само четири европски земји вакцинираат доволно луѓе за да се одбранат од оваа болест, соопшти организацијата.

Во анализата, која ги опфаќа податоците за Европа во последните 15 години, СЗО наведува дека побогатите земји дистрибуираат 10 пати повеќе дози вакцини против грип по лице во однос на посиромашните соседни земји.

Од 2008 година бројот на примени дози низ Европа е удвоен, а до сезоната 2021/2022 секоја држава членка имала национална програма за вакцинација против грип, што ја прави Европа прв регион во класификацијата на СЗО што го постигнал тоа.


Овој напредок во вакцинацијата, сепак, не е рамномерно распределен низ Европа, покажува истражувањето објавено во стручното списание „The Lancet Regional Health – Europe“.

Анализата, спроведена од европската канцеларија на СЗО, ги следела програмите за вакцинација против грип во 54 држави во текот на 15 сезони, од 2008 до 2023 година, и претставува најобемен преглед на справувањето со оваа заразна болест од пандемијата на коронавирусот во 2020 година.

Во сезоната 2022/2023, развиените земји во европскиот регион на СЗО во просек дистрибуирале 139,9 дози вакцини на 1.000 жители, додека во помалку развиените држави тој број изнесувал 14,6.


Од грип најпогодени се постарите лица, кои сочинуваат 70 отсто од смртните случаи од оваа болест во светот, а 55 отсто од нив во поразвиените делови на Европа се опфатени со вакцина, додека во помалку развиените земји заштита имаат само пет отсто од оваа популација.

Од сезонски грип годишно умираат околу 650.000 луѓе ширум светот, додека до пет милиони луѓе тешко заболуваат.

Светската здравствена организација уште во 2003 година постави цел 75 отсто од постарата популација во сите земји да биде вакцинирана против грип, а тоа досега во Европа го исполниле само Белорусија, Данска, Ирска и Обединетото Кралство, се наведува во студијата.


Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Анри Клуге, изјави дека „десеткратната разлика во достапноста на вакцините во еден регион треба да го загрижи секој министер за здравство во Европа“.

„Сепак, добрата вест е дека ова може да се реши. Знаеме дека бесплатните вакцини се една од најголемите пречки што треба да се надминат, како и дека сузбивањето на дезинформациите и градењето доверба во заедниците ја зголемува побарувачката за нив. Знаеме и дека земјите не мора сами да се справуваат со тоа, туку дека СЗО им помага“, додаде тој.

Разликите во надзорот и следењето на вакцинацијата и понатаму остануваат голем проблем, поради што секоја држава во регионот опфатен со истражувањето сега препорачува вакцинација против грип за сите здравствени работници, но тоа го прават помалку од две третини од нив.


Исто така, помалку од 30 отсто од земјите опфатени со истражувањето пријавуваат дистрибуција на вакцини кај хронично болни лица, како што се дијабетичари и лица со срцеви заболувања и рак.

Клуге наведе дека процентот на вакцинирани се зголемил за време на пандемијата на коронавирусот, како и дека тој тренд се задржал во Европа и во наредните години, за разлика од другите делови на светот, каде што бројот на вакцинирани опаѓа.