На елитната листа „Time100“ на највлијателни личности, кои престижниот американски магазин традиционално ги прогласува секоја година, се наоѓаат – сите: холивудски ѕвезди, музички икони, спортисти, уметници, научници, иноватори, активисти, лидери...
Гала-настанот, приреден во њујоршкиот Линколн центар, можеше да ја засени само премиерата на филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, бидејќи тешко е да се каже каде имаше повеќе познати лица. А по црвениот тепих, поставен пред влезот во познатото здание на Менхетен, синоќа прошетаа и Дејвид и Викторија Бекам.
Славниот пар секогаш е во центарот на вниманието, а во последно време најмногу поради проблемите што им ги предизвикува најстариот син. И покрај семејниот раздор, веќе една година една од главните теми на светските таблоиди, Дејвид и Викторија Бекам се трудат да остават впечаток дека сè е во најдобар ред. Синоќа блескаа на црвениот тепих, по којзнае кој пат покажувајќи зошто и двајцата важат за икони на стилот на 21-от век.
Креаторката, која ја доби наградата „Time100“ како една од највлијателните личности во 2026 година, се појави во прекрасен свилен бел фустан со сирена-крој од најновата колекција на својот бренд, додека нејзиниот сопруг се одлучи за класичен смокинг со лептир-машна.
„И двајцата се совршени!“, се слушна додека позираа пред фотографите пред почетокот на гала-настанот на кој присуствуваа и Кејт Хадсон, Хејли Бибер, Зои Салдана, Дакота Џонсон, Бен Стилер, Алан Каминг и многу други.
Во попладневните часови истиот ден, Викторија Бекам на специјален панел истакна, меѓу другото, дека е „многу горда што се најде во толку прекрасно и одбрано друштво на лауреати“.
„Благодарна сум за сè. Имам неверојатен сопруг кој ме поддржува во сè, секогаш сме тука еден за друг. Зад нас е предизвикувачка и напорна година, но Дејвид и јас сме многу блиски и тоа нѝ помага да ги надминеме тешките времиња. Се бодриме еден со друг во настојувањата да бидеме најдобрите верзии од себе. Многу ги сакаме децата и се трудиме да ги заштитиме од сè“, истакна поранешната „Пош спајсица“, вешто избегнувајќи одговори на прашањата за конфликтот со најстариот син.


















