Актерката Амбер Херд стана глобална ѕвезда по улогата во филмот „All the Boys Love Mandy Lane“ и до пред неколку години уживаше во многу успешна кариера.
Меѓутоа, денес живее сосема поинаков живот — го напуштила Холивуд, црвените теписи и гламурозните забави и се посветила на помирен живот со децата во Мадрид.
Херд пристигнала во Шпанија по судската битка со поранешниот сопруг Џони Деп во 2022 година. По нивното судење се нашла на мета на критики, а некои холивудски извори тврдат дека поради судењето завршила на „црна листа“ во Холивуд. На крајот, Амбер одлучила повторно да го изгради својот живот, далеку од славата.
Бурниот брак доведе до судење
Амбер го запознала Џони во 2009 година, кога и двајцата добиле улоги во адаптацијата на романот на Хантер С. Томпсон, „The Rum Diary“. Три години подоцна започнале романтична врска, а се венчале во 2016 година. Нивниот брак траел само една година, а барањето за развод го поднела актерката. Истовремено побарала и забрана за приближување против Деп и го обвинила актерот за насилство.

По нивниот развод, Џони во 2019 година поднел тужба за клевета против Амбер поради нејзиниот текст во „The Washington Post“ од 2018 година, во кој пишувало за наводно насилство. Иако не го споменала неговото име, адвокатите на актерот тврделе дека постоела „јасна импликација дека Џони е семеен насилник“. Нивното судење траеше шест недели, а го следеше целиот свет.
Деп на крајот победил и му биле доделени вкупно 15 милиони долари отштета. Херд поднела противтужба и добила 2 милиони долари отштета. Двете страни поднеле жалби на пресудите, а поранешниот пар се спогодил во декември 2022 година.

„По долго размислување, донесов тешка одлука за спогодба во тужбата за клевета што ја поднесе мојот поранешен сопруг во Вирџинија. Важно е да се каже дека никогаш не го избрав ова. Ја бранев својата вистина и со тоа мојот живот, каков што го познавав, беше уништен. Оцрнувањето со кое се соочив на социјалните мрежи е само засилена верзија на начинот на кој жените повторно се претвораат во жртви кога ќе проговорат. Сега конечно имам можност да се ослободам од нешто што се обидов да го напуштам пред шест години и под услови со кои можам да се согласам“, порачала тогаш.
Заминување во Шпанија
По низата критики со кои се соочила, Херд се преселила на Мајорка, каде што изнајмила имот под името Марта Џејн Канари. Потоа со ќерката Уна Пејџ и поранешната партнерка Бјанка Бути се преселила во Мадрид. Така, тивко и мирно го напуштила својот живот во Калифорнија, се оддалечила од сите претходни случувања и започнала нов живот во Шпанија.
„Судењето беше неверојатно стресно и таа сакаше да почне од почеток“, изјавил извор за „Пипл“ во 2023 година и додал дека актерката „има нова енергија и е фокусирана на работите што ги сака“.

Пред две години медиумите објавија дека Амбер „добро и вистински се интегрирала“ во Мадрид, откако купила куќа вредна 1,5 милиони евра во населбата Чамартин. Вилата има пет спални соби, три бањи и голема градина, а се наоѓа во близина на центарот.
„Живее овде и често ја гледам кога наутро ја носи ќерка си на училиште. Носи капа, очила за сонце и обична облека, се обидува да биде незабележлива. Овде живее во мир, ова е населба полна со познати луѓе, вклучувајќи и фудбалери, но никој никого не вознемирува. Мислам дека затоа ѝ се допаѓа — целосно се интегрираше во заедницата“, изјавил соседот на актерката за „Дејли мејл“.
Прифаќање на локалната култура и враќање на актерството
Херд, според изјавите на извори е посветена на прифаќањето на локалната култура и го научила јазикот. Нејзината ќерка Уна посетува приватно католичко училиште за деца од една до шест години, каде што наставата се одвива на англиски и шпански јазик.
Откако попладне ќе ја земе ќерка си од училиште, Амбер често ја посетува американската продавница „Taste of America“.

„Таа често доаѓа овде попладне со своето девојче, мојата колешка многупати ги послужила. Претпоставувам дека сака да купува работи што ја потсетуваат на домот, овде имаме различни производи од САД“, открил вработен во продавницата.
Кога не е зафатена, Херд сака да трча во познатиот парк Ел Ретиро во центарот на градот.
Иако се посветила на мирниот живот, Амбер имала неколку средби со папараците, особено откако било откриено дека чека второ дете. Херд минатата година доби близнаци, а веста ја откри на социјалните мрежи по повод Денот на мајката.

„Денот на мајката 2025 ќе биде ден што никогаш нема да го заборавам. Оваа година сум неизмерно возбудена што го славам заокружувањето на семејството што со години се обидував да го изградам. Денес официјално ја споделувам веста дека пречекав близнаци во семејството Херд. Мојата ќерка Агнес и син ми Оушн ми ги исполнуваат рацете и срцето. Кога пред четири години ја добив мојата прва ќерка Уна, светот засекогаш ми се промени. Мислев дека не можам да бидам посреќна. Сега сум трипати посреќна“, напишала тогаш актерката.
По раѓањето на близнаците, Амбер се вратила и на актерството, првпат по филмот „Aquaman and the Lost Kingdom“. Дебитирала на сцена како дел од светската премиера на новиот проект на драматургот Џереми О. Харис, „Spirit of the People“. Претставата ја извела на „Williamstown Theatre Festival“ во август.

Иако е јасно дека Амбер продолжила со животот по судењето, во јануари оваа година дала редок коментар за тоа колку ситуацијата влијаела врз нејзиниот живот. Во документарецот „Silenced“, кој премиерно бил прикажан на филмскиот фестивал „Санденс“, таа рекла:
„Овде не станува збор за мене. Јас ја изгубив способноста да зборувам. Не сум тука за да ја раскажам својата приказна. Всушност, повеќе не сакам да го користам својот глас. Тоа е проблемот“.









