Филмот „Michael“ оствари силен старт во кината ширум светот и покрај лошите рецензии

Точка

24/04/2026

13:45

272

Големина на фонт

а а а

Филмот „Michael“ имаше одличен старт во кината ширум светот, остварувајќи 18,5 милиони долари на денот на премиерата. Таа продажба на билети вклучува 16,6 милиони долари во средата и дополнителни 1,9 милиони долари остварени преку претпремиери во вторникот.

Станува збор за музички биографски филм на студиото „Lionsgate“ кој го следи подемот на Мајкл Џексон, а премиерно беше прикажан во Северна Америка и на 82 меѓународни пазари.

Во текот на викендот се очекува „Michael“ да доминира на глобалните кино-благајни, со проекции за заработка од 65 до 75 милиони долари во САД, како и помеѓу 75 и 80 милиони долари на меѓународниот пазар.


И покрај слабите критики, филмот засега бележи силен комерцијален успех. Најдобар почеток е забележан во Франција, каде што оствари 2,6 милиони долари во 743 кина во текот на средата.

Следуваат Обединетото Кралство и Ирска со ист износ, Италија со 1,3 милиони долари во 480 кина, Мексико со 1,1 милион долари и Шпанија со 1,1 милион долари во 520 кина.

Компанијата „Universal Pictures“, задолжена за меѓународната дистрибуција, проценува дека овие резултати се подобри од почетните резултати на филмовите „Bohemian Rhapsody“ и „Oppenheimer“ на повеќето пазари.

Филмот го режираше Антоан Фукуа, а ги следи раните денови на пејачот во групата „Jackson 5“, па сè до неговиот статус како еден од најголемите забавувачи во светот. Улогата на Мајкл Џексон ја толкува неговиот роднина Џафар Џексон, додека Колман Доминго и Ниа Лонг ги играат неговите родители Џо и Кетрин Џексон.

Дел од критиката е насочен кон тоа дека филмот нуди прочистен приказ на животот на Џексон, бидејќи не ги вклучува обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца кои се појавија подоцна во неговата кариера.

Првичната верзија на сценариото ја опфаќала тужбата од 1993 година, но тие сцени биле отстранети откако продуцентите откриле клаузула во спогодбата со младиот тужител која забранува негово прикажување или споменување во филм или на телевизија. Филмот сега завршува за време на турнејата „Bad“ од 1988 година.

Продукцијата на филмот „Michael“ чинела најмалку 170 милиони долари, со што се вбројува меѓу најскапите биографски филмови на сите времиња.