Со години беше препознатливо место каде што се раѓаа соништа, се градеа таленти и се учеше љубовта кон сцената. Актерската школа на Весна Петрушевска-Бејби не беше само простор за часови по глума, туку мало уметничко семејство во кое растеа генерации млади луѓе. Затоа и веста за нејзиното затворање одекна силно – не само меѓу учениците и родителите, туку и во целата културна јавност.
Во емотивна објава на социјалните мрежи, Весна Бејби сподели дека донела една од најтешките одлуки во својот живот. По три децении исполнети со посветена работа, безброј претстави, детски насмевки и аплаузи, таа става крај на едно значајно поглавје. Зад оваа одлука, како што вели самата, стојат години труд, љубов и успеси што оставија длабока трага – не само на сцената, туку и во животите на многумина.
На социјалната мрежа Инстаграм, Весна напиша:
„Овие денови ја донесов една од најтешките одлуки во мојот живот, а тоа е дека по 30 години ја затворив актерската школа (akterskashkolapetrushevska). Израснав генерации, снимавме серии, емисии, кратки филмови, играни филмови, претстави, последниот успех е дека од 2000 деца моите Надиа и Максим ќе бидат новите херои на ‘Светот на Биби’. Школа која имаше недостижен успех, критериум и посветеност.
Искрено, се изморив, се изморив и почувствував дека треба да се посветам на режија, на големи проекти вон Македонија, на љубов и насмевки, на мојата Мина која го носи мојот товар.

За тоа дали воопшто се почитува моето наследство што го оставив на илјадници деца ќе каже времето. Дали оваа работа се почитува кај нас? Големо не. Факт. Дали младите глумци имаат иднина кај нас? Исклучително тешко. На само 442 километри од тука се снима и се гине на сет. Тука работат и имаат шанси. Јас мојот долг кон Македонија, кон МНТ, ТВ, филм, продукција на формати и креирање одамна го реализирав. За 10 животи.
Време е за мојот живот и за почеток на големи приказни на кои искрено се радувам. Денес, по многу години, почнав да чувствувам ветар. Фала, благодарна за секој миг. Децата ќе си го најдат патот секако сами. Љубов и добрина ви посакувам“.









