Американскиот репер тврди: „Бев во ќелија со Мадуро, мирисаше на измет, ми даде сувенир, а видов и што постојано чита“

Точка

23/04/2026

16:02

821

Големина на фонт

а а а

Раперот и поранешен член на банда, Текаши СиксНајн (6ix9ine), поминал три недели минатиот март во Метрополитенскиот притворски центар во Бруклин, откако ги прекршил условите на надгледуваното пуштање на слобода.

Тие неколку недели му биле доволни да воспостави доволно добар однос со некого неочекуван – ќелијата ја делел со сега веќе поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, откако го презел креветот на Шон Диди Комбс. Од притвор излегол преполн со приказни за претседателот кој во јануари беше уапсен и однесен во САД.

Излегувајќи од притвор, во рацете држел необичен сувенир – фигуричка од Сунѓерот Боб Панталоновски, која весело им ја покажувал на своите пријатели кои го чекале пред затворот, а тоа и самиот го споделил во видео објавено на социјалните мрежи. На фугурата, како што објаснил СиксНајн, се наоѓа автограм од претседателот на Венецуела. Потписот бил и датиран, на шпански.


„Погледнете, еден и единствен“, рекол СиксНајн, држејќи го Сунѓерот Боб, кого, како што подоцна објаснил, друг затвореник внимателно го изработил, виткајќи шестстотини ливчиња хартија и шиејќи ги заедно во текот на две недели. „Мадуро го потпиша“, рекол гордо, пред да додаде: „Венецуела засекогаш“, пренесе „The New Yorker“.

Потсетуваме, Трамп уште во средината на ноември го прогласи режимот на венецуелскиот претседател Мадуро за терористичка организација и нареди целосна блокада на сите санкционирани нафтени танкери што влегуваат и излегуваат од Венецуела. На 3-ти јануари, Мадуро беше киднапиран од Венецуела за време на американски напад врз воен комплекс во Каракас. Истиот ден беше пренесен на Менхетен за приведување, пред да биде одведен во М.Д.Ц Бруклин, каде што се наоѓа последните четири и пол месеци.


СиксНајн тврди дека бил цимер со Мадуро во текот на дел од казната – искуство што детално му го опишал на популарниот стример Адин Рос.

„Не сакав да му додевам, не сакав да испаднам како разгалено девојченце. Штом влезе, му реков: ’Еј, што и да ти треба.‘ Мирисаше на измет кога првпат излезе од самица“, објаснил СиксНајн. „Но потоа, знаете, успеа да добие време за туширање и слично“, додал тој. Потоа, Мадуро веројатно бил префрлен во единицата позната како „4 North“, каде што обично се држат познати затвореници, како раперот Шон (Диди) Комбс, кој поминал повеќе од една година во затвор, а неодамна и СиксНајн. „Го зедов креветот на Диди“, рекол раперот.


Во единицата, која може да прими само мала група притвореници, креветите се групирани во стил на спална соба, а нема перници. СиксНајн ги опишал тесните услови. „Мадуро спиеше, буквално, точно спроти мене“, му рекол на Рос, покажувајќи растојание од околу 60 сантиметри, пишуваат американските весници. Меѓу другото е опишано дека оброците се носат во колички, покрај одделот има мала просторија за комуникација на затворениците со нивните адвокати, затворот има тесни прозорци, а тоалетите и тушевите нудат минимална приватност.

СиксНајн, исто така, тврдел дека Мадуро му раскажал детали за рацијата во Каракас, операција која инаку е обвиена со превез на тајност. „Мислам дека тоа не можам да го споделам“, рекол раперот кога го замолиле да појасни. „Но ми кажа … Тоа ќе го задржам за себе. И, ако некогаш загинам, одлучувам да не кажам ништо. Едноставно, воопшто не сакам да зборувам за тоа. И никогаш нема да зборувам за тоа. Вистински американски патриот сум“, рекол тој.


Во меѓувреме, Мадуро и натаму чека во затвор, а венецуелската влада ги охрабрува граѓаните да му пишуваат писма. Според СиксНајн, Мадуро поголемиот дел од времето го минува читајќи. „Тој само ја чита Библијата. Ја чита секоја Библија. На пример, токму кога си заминав, ја читаше кинеската Библија. Не знам дали е тоа Буда… читаше нешто“, рекол раперот.