[ВИДЕО] Вистината за Чернобил која со години се криела: „Ова не беше несреќа, туку...“

Точка

23/04/2026

13:01

1.086

Големина на фонт

а а а

Катастрофата во Чернобил не била обична несреќа, туку последица на систем кој со години ги игнорирал предупредувањата, ги прикривал слабостите и донесувал лоши одлуки зад затворени врати.

Таа ноќ, на 26 април 1986 година, сè во Припјат изгледало мирно. Градот во кој живееле работниците на нуклеарната електрана спиеше, додека во близина на реакторот траела напната подготовка за безбедносен тест. Непосредно по полноќ, тишината ја прекинала силна експлозија. Земјата се затресла, а од правецот на електраната се издигнал густ, црн чад. Набрзо потоа, низ облаците се пробила необична светлосна колона, додека воздухот почнал да трепери поради силната радиоактивна јонизација.

Експлозијата во четвртиот реактор се претворила во најголемата нуклеарна катастрофа во историјата. Во првите денови по несреќата, десетици работници и припадници на службите кои први реагирале го загубиле животот поради изложеност на радијација.

Радиоактивниот облак брзо ги напуштил границите на Советскиот Сојуз и се проширил низ цела Европа, од источните до западните делови на континентот, па дури и подалеку. Последиците биле долготрајни и разорни. Во децениите што следеле, илјадници луѓе заболеле од различни форми на рак, додека проценките за вкупниот број погодени се движат од неколку илјади до дури стотици илјади.

Иако долго време се сметало дека трагедијата е резултат на комбинација од човечка грешка и технички проблеми, подоцнежните анализи открија многу подлабока причина. Уште во 1975 година, по една студија во Ленинград, станало јасно дека ваков тип реактор носи сериозен ризик и дека несреќа не само што е можна, туку и веројатна, дури и во рутински услови. Сепак, тие информации со години биле чувани во тајност.

Во ноќта на катастрофата, во контролната соба се наоѓала мала екипа оператори. Тестот што требало да се провери бил од клучно значење — требало да се утврди дали системот за ладење може да функционира и во случај на прекин на електричната енергија. Иако процедурата изгледала едноставна, низа погрешни одлуки довеле до целосно губење на контролата.

Еден од операторите, млад и недоволно искусен, се соочил со ситуација што не можел да ја совлада. Силата на реакторот почнала да опаѓа надвор од контрола, алармите се редеа, а обидите за стабилизација не давале резултат. Набрзо реакторот практично бил „угасен“ пред почетокот на тестот, но и покрај тоа била донесена одлука постапката да продолжи.

Во наредните минути ситуацијата излегла од секоја контрола. Водата што го ладела јадрото почнала да се загрева и да се претвора во пареа, што дополнително ја зголемила реактивноста. Се создаде верижен процес кој повеќе не можел да се запре. Во рок од неколку секунди, моќта на реакторот се зголемила повеќекратно, температурата достигнала екстремни вредности, а потоа следела разорна експлозија.

Ударот бил толку силен што ја разнел конструкцијата на реакторот и во воздухот исфрлил огромни количини радиоактивен материјал, вклучувајќи ураниум, графит и опасни изотопи како јод, цезиум и плутониум.

Глетките во електраната биле застрашувачки. Скршено стакло, урнати бетонски блокови и вжештени парчиња метал биле насекаде. Преживеаните работници талкале во шок низ просторот исполнет со пареа и радијација, несвесни за опасноста на која се изложени.

Кога првите спасувачки екипи пристигнале, не ни претпоставувале со што се соочуваат. Набрзо почнале да покажуваат тешки симптоми: повраќање, слабост, промени на кожата. Во болниците, лекарите гледале како состојбата на пациентите нагло се влошува. Кожата ја менувала бојата, се распаѓала, косата опаѓала, а внатрешните органи трпеле уништувања какви што медицината не можела да ги запре.

И покрај сериозноста на ситуацијата, реакцијата на властите била бавна. Градот Припјат не бил веднаш евакуиран. Дури 32 часа по експлозијата била издадена наредба за напуштање на градот, кога тој веќе бил сериозно контаминиран.

Официјалните информации биле минимални и ја ублажувале големината на катастрофата. Дури кога други земји регистрирале зголемено ниво на радијација, станало јасно дека се случило нешто многу посериозно од она што било претставено пред јавноста.

Подоцна, властите ја префрлиле одговорноста врз операторите, обвинувајќи ги за кршење на процедурите, додека клучните проблеми во дизајнот на реакторот и системските слабости останале прикриени.

Чернобил така станал симбол не само на технолошка катастрофа, туку и на последица од систем во кој вистината и одговорноста биле потиснати. Зад експлозијата не стоела само низа грешки, туку цел модел на управување во кој предупредувањата биле игнорирани, а проблемите се криеле.

Последиците од таа ноќ не завршиле тогаш. Тие траат и денес, преку нарушено здравје, уништена природа и сеќавање на трагедијата што го променила текот на историјата.