Археолозите за време на ископувањата во древниот египетски град Оксиринх откриле фрагменти од копија на Хомеровата „Илијада“ на папирус во внатрешноста на мумија од римскиот период, што претставува прв познат случај грчки книжевен текст да биде пронајден како дел од процесот на мумификација.
Истражувачи од Универзитетот во Барселона наведуваат дека папирусот бил пронајден во пределот на абдоменот на мумијата, погребана во гробница стара околу 1.600 години, пренесе Индипендент.
Локалитетот Оксиринх, познат во фараонско време како Пер-Меџед, бил еден од најважните градови во грчко-римски Египет.
Неговите остатоци се наоѓаат во денешниот град Ал-Бахнаса, околу 190 километри јужно од Каиро, покрај растоката на Нил познат како Бахр Јусеф.
Експертите наведуваат дека мумификацијата во тој период претставувала мешавина од египетски, грчки и римски обичаи, при што телата често биле исполнувани со различни материјали, вклучително и текстови на папирус.

Египетски мумии од овој период и претходно биле пронаоѓани со папируси напишани на грчки јазик, но сите содржеле текстови со магиска или ритуална содржина.
„Ова не е првпат да пронајдеме грчки папируси, свиткани, запечатени и вклучени во процесот на мумификација, но досега нивната содржина главно била магиска“, изјавил Игнаси-Ксавиер Адијего, професор на Одделот за класични, романски и семитски јазици.
Според неговите зборови, од крајот на 19 век во Оксиринх бил откриен огромен број папируси, вклучително и грчки книжевни текстови од големо значење, но ова е првпат грчки книжевен текст да биде пронајден во погребен контекст.
Епската поема, поделена на 24 книги, му се припишува на Хомер и датира од 800 година пред нашата ера.
Пронајдената одломка припаѓа на втората книга од „Илијада“ и содржи дел од прочуениот „Каталог на бродовите“, каде што се набројуваат грчките сили собрани пред Троја.
Засега не е јасно зошто токму овој книжевен текст бил избран да биде дел од погребниот ритуал.

Старите египетски свештеници од тоа време биле фокусирани на зачувување на телото повеќе од 40 дена, користејќи натронска сол за дехидратација и завиткување во лен.
Наместо да користат традиционални канопски садови за зачувување на органите, тие претпочитале телото да го исполнат со конзервирани материјали заедно со папируси што содржеле грчка литература, запечатени со глина во градната или карличната празнина.
Истражувачи од Институтот за студии на древниот Блиски Исток при Универзитетот во Барселона ја пронашле мумијата за време на неодамнешната кампања на ископувања, спроведена меѓу ноември и декември 2025 година.
Претходните кампањи во древниот град доведоа до откривање на 52 мумии од времето на Птоломеите, од кои повеќе од десетина имале „златни јазици“, симбол на подготовка за задгробниот живот.














