Првото видео на „YouTube“, „Me at the zoo“, ја започна револуцијата! Џавед Карим пред слоновите во Сан Диего создаде историја. „YouTube“ од страница за запознавање прерасна во глобален феномен.
Беше 23 април 2005 година кога младиот софтверски инженер Џавед Карим на новата платформа „YouTube“ постави кратко видео. Снимката од само 19 секунди, насловена „Me at the zoo“, не нудеше спектакл, туку едноставна сцена пред живеалиште со слонови. Никој тогаш не можеше ни да претпостави дека токму тој, наизглед безначаен видео-клип, ќе стане темел на дигиталната револуција која ќе го промени начинот на кој консумираме медиуми, комуницираме и споделуваме приказни.
„Навистина, навистина, навистина долги сурли“
Видеото прикажува еден од коосновачите на „YouTube“, Џавед Карим како стои во зоолошката градина во Сан Диего. Додека зад него се наоѓаат два слона, Карим се врти кон камерата, која ја држи неговиот средношколски пријател Јаков Лапитски, и изговара реченица што влезе во историјата на интернетот:
– Во ред, еве нè пред, хм, слоновите. Интересното кај овие момци е што имаат навистина, навистина, навистина долги сурли, и тоа е … тоа е супер. И тоа е отприлика сè што има да се каже.
Токму таа едноставност, според многу аналитичари, го постави тонот за иднината на „YouTube“. Покажа дека содржината не мора да биде професионално продуцирана за да биде вредна за споделување, со што започна ерата на автентични, аматерски видеа создадени од самите корисници.
Од страница за запознавање до глобален феномен
„YouTube“ беше основан во февруари 2005 година од тројца поранешни вработени во „PayPal“: Чед Харли, Стив Чен и Џавед Карим. Иако првичната идеја била да се создаде некаков вид видео-платформа за запознавање, брзо сфатиле дека многу поголем потенцијал лежи во тоа да им овозможат на луѓето да споделуваат делови од својот живот.
Карин, за разлика од партнерите, одлучил да го продолжи студирањето на Универзитетот „Stanford“ и ја презел улогата на неформален советник. Поради тоа, неговиот удел во компанијата бил помал, но откако „Google“ во 2006 година го купи „YouTube“ за 1,65 милијарди долари, уделот на Карим вредеше околу 64 милиони долари.
Денес, „Me at the zoo“ има повеќе од 385 милиони прегледи и се смета за едно од најважните онлајн видеа на сите времиња. Неговото културно значење беше потврдено и кога лондонскиот музеј „Victoria and Albert“ го вклучи во својата колекција како клучен дигитален артефакт.










