„Meta“ ќе ги снима движењата на глувчето на своите вработени за да тренира вештачка интелигенција

Точка

22/04/2026

15:42

267

Големина на фонт

а а а

„Meta“ користи податоци од вработените за тренирање на вештачка интелигенција (AI), што предизвикува сериозна загриженост. Дел од вработените стравуваат дека на овој начин всушност ги тренираат сопствените замени.

Компанијата пронашла нов извор на податоци за развој на своите AI модели – сопствените вработени. Планот е да се користат податоци собрани од движења на глувчето и притисоци на тастатурата, со цел да се изгради понапредна и поефикасна вештачка интелигенција. Ова, пак, предизвика значителна загриженост и отпор во самата компанија.

Според „TechCrunch“, оваа приказна покажува до каде се подготвени да одат технолошките компании во потрагата по нови извори на податоци – клучен ресурс за AI моделите, кој им помага да учат како поефикасно да извршуваат задачи и да одговараат на кориснички барања.


Нов интерен алат за следење

„Meta“ започна нова интерна програма наречена „Иницијатива за способност на моделите“ (MCI), преку кој ќе ги следи и снима притисоците на тастатурата, движењата на глувчето и содржината на екранот на своите вработени во САД. Алатката се инсталира на службените компјутери и ќе собира податоци од деловни апликации и веб-страници.

Според компанијата, главната цел е да се подобри способноста на AI моделите да ја имитираат човечката интеракција со компјутер, особено во области каде што моментално се послаби – како навигација низ паѓачки менија и користење кратенки на тастатура.

Оваа стратегија е дел од поширок план за развој на AI агенти кои би можеле самостојно да извршуваат работни задачи. Во изјава за „TechCrunch“, портпарол на „Meta“ ја потврди иницијативата:

„Ако градиме агенти кои им помагаат на луѓето во секојдневните задачи на компјутер, нашите модели мора да имаат реални примери за тоа како луѓето ги користат – движења на глувчето, кликање на копчиња и навигација низ менија. За таа цел воведуваме интерен алат што ќе ги бележи овие интеракции. Постојат заштитни мерки за чувствителна содржина, а податоците нема да се користат за други цели.“


Вработените загрижени, исклучување не е можно

Објавата предизвика силна негативна реакција кај многу вработени, кои на интерни форуми изразија загриженост за приватноста. Еден од најлајкуваните коментари бил: „Како можеме да се исклучиме?“

На тоа, главниот технолошки директор Ендру Босфорт одговорил дека не постои опција за исклучување на следењето на службените лаптопи.

Компанијата ги уверувала вработените дека податоците нема да се користат за оценување на нивниот работен учинок и дека постојат заштити за чувствителни информации. Сепак, не било прецизирано што точно се смета за „чувствителна содржина“. Во дополнителна интерна комуникација било наведено дека содржината на екранот ќе биде маскирана при тренингот, а пристапот до суровите податоци ќе биде ограничен. На вработените им било советувано да не користат службени компјутери за приватни активности доколку не се согласуваат со контролите.


Страв дека ги тренираат сопствените замени

Овој потег доаѓа во време кога „Meta“ наводно се подготвува за нов круг отпуштања, што дополнително го зголемува стравот дека вработените всушност ги тренираат своите идни замени.

Иницијативата е дел од поширокиот фокус на компанијата на вештачката интелигенција. Ендру Босфорт ја изнесе визијата според која AI агентите „примарно ќе ја извршуваат работата“, додека луѓето ќе ги насочуваат и подобруваат.

Иако користењето интерни податоци за тренинг на AI не е ново, задолжителниот карактер на оваа иницијатива повторно ја отвори дебатата за надзор на работното место и заштита на податоците. Правните експерти предупредуваат дека ваква практика би можела да се соочи со сериозни пречки според европската GDPR регулатива, која е многу построга кога станува збор за следење на вработени.

Засега, програмата е ограничена на вработените на „Meta“ во САД. Овој тренд укажува и на поширок проблем во AI индустријата – каде што вчерашната интерна корпоративна комуникација сè повеќе станува суровина за нови AI системи. Неодамна беше објавено дека стартап компании се анализираат преку нивните интерни комуникации (архиви од „Slack“, „Jira“ тикети и други платформи), кои потенцијално можат да се претворат во „гориво“ за вештачка интелигенција.