Научниците од американската вселенска агенција „NASA“ соопштија дека роверот "Curiosity" открил досега најразновиден сет на органски молекули на Марс, вклучувајќи соединенија кои никогаш претходно не биле забележани на таа планета.
Во примерок од карпа, собран уште во 2020 година во областа Шарп – планина висока околу 5,5 километри во центарот на марсовскиот кратер Гејл – биле идентификувани 21 органски молекул, од кои седум се детектирани за првпат на Марс, се наведува во труд објавен во списанието „Nature Communications“.
Истражувачите истакнуваат дека не е можно со сигурност да се утврди дали молекулите настанале преку биолошки или геолошки процеси, но нагласуваат дека откритието дополнително потврдува дека древниот Марс имал хемиски услови погодни за развој на живот.

Меѓу новооткриените соединенија се наоѓаат и азотни хетероцикли, структури кои се сметаат за потенцијални претходници на молекули како ДНК и РНК, како и бензотиофен – органско соединение кое претходно било регистрирано во метеорити.
Примерокот, наречен „Мери Анинг 3“, потекнува од регион за кој се верува дека некогаш бил богат со вода, со езера и текови кои постоеле пред милијарди години, што овозможило зачувување на органските материи во карпите.

Анализите биле спроведени директно на Марс со помош на мини-лабораторијата „SAM“ (Sample Analysis at Mars), вградена во роверот – роботско возило наменето за движење по површината на други планети.
Методологијата вклучувала дупчење на карпата, потоа загревање на примерокот во печка на висока температура и користење на техниката „мокра хемија“, која за првпат е применета на Марс, со употреба на растворувачот тетраметиламониум хидроксид (TMAH), кој ги разложува големите молекули за полесна идентификација.
За да ги проверат реакциите на TMAH со материјали од друг свет, авторите на студијата ја тестирале техниката и на Земјата, користејќи дел од метеоритот Мерчисон – еден од најпроучуваните метеорити во историјата.

Стар повеќе од четири милијарди години, Мерчисон содржи органски молекули кои биле распространети низ раниот Сончев систем, а утврдено е дека примерокот изложен на TMAH разложува многу поголеми молекули на некои од оние што се забележани во „Мери Анинг 3“, вклучувајќи го и бензотиофенот.
Овој резултат потврдува дека молекулите од Марс пронајдени во „Мери Анинг 3“ можеле да настанат преку разградување на уште посложени соединенија релевантни за живот.







