Неколку нафтени дамки се видливи од вселената откако иранските и американско-израелските напади погодија нафтени постројки и бродови во регионот, а експертите предупредуваат на претстојна еколошка катастрофа, пишува „Си-ен-ен“.
Сателитските снимки даваат увид во разурнувањата во регионот, вклучително и врз чувствителниот биодиверзитет на Персискиот Залив. Нафтата излеана во тоа подрачје може да влијае врз животот и егзистенцијата на луѓето долж брегот на Заливот, како и врз богатиот морски свет во регионот, пренесе „Си-ен-ен“.

Една снимка, направена на 7-ми април, прикажува дамка долга повеќе од осум километри во Ормускиот Теснец, во близина на иранскиот остров Кешм. Иранскиот брод „Шахид Багери“ исто така испуштил нафта во тоа подрачје откако бил погоден од американските сили на 28 февруари, изјавила за Си-ен-ен Нина Ноел од Гринпис Германија.
Друга снимка прикажува нафта околу островот Лаван, по, како што наведоа иранските државни медиуми, удар на „непријателот“ врз нафтено постројување во близина на брегот на островот на 7-ми април. Видеоснимки од социјалните мрежи, кои Си-ен-ен ги геолоцирал, исто така покажуваат голем пожар во иранска рафинерија.

Нападот врз Лаван претставува „голема еколошка вонредна состојба“, рекол Вим Звајненбург од холандската организација „PAX“, кој ги следи последиците од нападите во регионот на Заливот.

Најмалку пет локации на Лаван се оштетени, а потоа дошло до излевање на нафта околу островот и нејзино истекување во морето. Дамките сега се шират и кон островот Шидвар, кој е заштитено подрачје, додал Звајненбург.
Островот Шидвар е корален остров во Персискиот Залив, околу една милја источно од Лаван, богат со животински свет, вклучувајќи желки и морски птици.
Сателитските снимки исто така покажуваат излевања недалеку од брегот на Кувајт на 6-ти април. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека тој ден гаѓала горивни и петрохемиски постројки во земјите од Заливот, вклучувајќи го и Кувајт, како одговор на нападот врз петрохемиски комплекс на југозападот на Иран.

Во најлош случај, овие излевања на нафта би можеле да имаат последици за илјадници луѓе, особено за оние кои живеат долж иранскиот брег, вклучувајќи и загадување на рибата од која зависат за храна и приходи, предупредил Звајненбург.
Истекувањата ги загрозуваат и другите морски видови, како желки, делфини и китови, кои можат да проголтаат нафта или да се заглават во неа. Исто така, би можеле да влијаат и врз системите за филтрација во постројките за десалинизација, од кои речиси 100 милиони луѓе во регионот зависат за снабдување со чиста вода.

Во оваа фаза тешко е да се проценат размерите на штетата, но постои страв од еколошка катастрофа, особено ако бидат погодени уште бродови. Според податоците на „Гринпис Германија“, во Заливот се наоѓаат околу 75 големи танкери со вкупно речиси 19 милијарди литри сирова нафта.
Истекувањата на нафта можат да имаат огромни и далекусежни последици, „влијаејќи врз целиот екосистем, од микроорганизми до риби, птици и морски желки кои зависат од мангровските живеалишта“, нагласила Ноел.
Таа додала дека таквите дамки е многу тешко да се исчистат поради „структурната сложеност, ограничениот пристап и тешките услови за работа“, а дека тековниот конфликт практично го оневозможува пристапот до Заливот за санирање.
Фото: Си-ен-ен














