Колумбиските власти во понеделникот одобрија план за отстрел на десетици нилски коњи кои слободно се движат во еден регион во централниот дел на земјата, каде што ги загрозуваат жителите и ги потиснуваат автохтоните видови, многу години откако озлогласениот нарко-бос Пабло Ескобар ги донел првите единки.
Министерката за заштита на животната средина Ирена Велез рекла дека претходните методи за контрола на нивната популација биле скапи и неуспешни, вклучително и кастрација на некои животни или нивно преместување во зоолошки градини. Велез додала дека до 80 нилски коњи би можеле да бидат опфатени со оваа мерка, а не прецизирала кога ќе почне отстрелот, пренесе Си-ен-ен.
„Ако не го направиме тоа, нема да можеме да ја контролираме популацијата.Мора да ја преземеме оваа акција за да ги зачуваме нашите екосистеми“, истакнала Велез.

Колумбија е единствената земја надвор од Африка со дива популација на нилски коњи. Тие потекнуваат од четирите единки што Ескобар ги донел во земјата во осумдесеттите години, кога градел приватна зоолошка градина на имотот Хасиенда Наполес, огромен ранч во долината на реката Магдалена со приватна писта што служела како негово селско прибежиште.
Студија на Националниот универзитет на Колумбија проценила дека околу 170 нилски коњи слободно се движеле низ земјата во 2022 година.
Во последно време, нилските коњи биле забележани во области оддалечени повеќе од 100 километри северно од ранчот.
Еколошките власти во Колумбија наведуваат дека овие цицачи претставуваат закана за жителите кои ги сретнувале на фарми и во реки. Исто така, се натпреваруваат за храна и простор со локални видови, како што се речните ламантини.

И покрај предизвиците, нилските коњи станале и туристичка атракција, па жителите на селата околу имотот Хасиенда Наполес организираат тури за нивно набљудување и продаваат сувенири со мотиви од нилски коњи.
Тие се и една од главните атракции на ранчот Наполес, кој колумбиската влада го запленила при одземањето на имотот на Ескобар. Денес функционира како тематски парк со базени, водени тобогани и зоолошка градина во која има уште неколку африкански видови.
Активистите за заштита на животните во Колумбија долго време се противат на предлозите нилските коњи да бидат убиени, тврдејќи дека заслужуваат да живеат. Тие велат дека решавањето на проблемот со насилство испраќа лоша порака во земја што поминала низ децении внатрешни конфликти.
Андреа Падиља, сенаторка и активистка за правата на животните, која помогнала во изработката на законот против борбите со бикови во Колумбија, го опишала планот за отстрел како „сурова“ одлука и ги обвинила властите дека се обидуваат да го изберат полесниот пат.

„Убиствата и масакрите никогаш нема да бидат прифатливи. Ова се здрави суштества кои се жртви на негрижата на државните институции“ напиша Падиља на Икс.
Во текот на изминатите 12 години, низ три претседателски администрации, Колумбија се обидувала да кастрира дел од нилските коњи за да ја намали нивната популација.
Сепак, тие иницијативи имале ограничен опфат поради високите трошоци за фаќање на опасните животни и изведување на операциите.
Бидејќи колумбиските нилски коњи потекнуваат од ограничен генетски фонд и би можеле да носат болести, нивното враќање во природното живеалиште во Африка се смета за неизведливо.










