Научниците за прв пат забележале „граѓанска војна“ кај шимпанзите

Точка

10/04/2026

14:16

369

Големина на фонт

а а а

Во ново истражување објавено оваа недела во списанието „Science“, приматолозите ја забележале првата документирана „граѓански војна“ кај диви шимпанза, пренесе Гардијан.

Познато е дека шимпанзата водат борби против други заедници, а сведоштвото на научниците за некогаш обединета група диви шимпанза што се поделиле и се свртеле едни против други, слично на луѓето, претставува ново откритие.

„Овде го имаме првиот темелно документиран случај на нешто што може да се квалификува како граѓанска војна кај шимпанзата… Тоа покажува дека, дури и во отсуство на културни обележја на групата, општествените врски и поврзаноста претставуваат цемент што ја држи групата заедно и дека тие врски можат да бидат кревки во специфични околности, особено кога се потпираат на неколку клучни единки“, изјавил Силвен Лемоан, професор по биолошка антропологија на Универзитетот во Кембриџ.


Приматологот Арон Сандел, кој работел на истражувањето, нагласил дека граѓанската војна меѓу животните е реткост.

„Овие променливи групни идентитети и динамики што ги гледаме во човечките граѓански војни ретко имаат паралела кај други животни, но имаат паралела во случајот со шимпанзата“, рекол Сандел.

Истражувачите заклучокот за трајната поделба во најголемата позната група диви шимпанза во светот, која се наоѓа во Уганда, го темелат на повеќе од три децении податоци.


Иако шимпанзата биле општествено кохезивни од 1995 до 2015 година, нешто се променило во динамиката на групата и до 2018 година групата се поделила на западни шимпанза и централни шимпанза.

Како што двете групи се зацврстувале, членовите на западната група извршиле 24 континуирани и координирани напади врз централната група во текот на седум години, така што до минатата година убиле најмалку седум возрасни мажјаци и 17 младенчиња.


Научниците сметаат дека сличен раскол и граѓанска војна можеби се случиле и во 1970-тите во рамки на група шимпанза во Гомбе, во Танзанија, која ја набљудувала и познатата Џејн Гудал.

Тогаш научното разбирање на однесувањето на шимпанзата било премногу ограничено за научниците целосно да сфатат колку е ретко војувањето внатре во група шимпанза.

Во случајот со шимпанзата во Уганда, научниците мислат дека промената во општествената хиерархија би можела да го објасни распадот на групата и организираните напади.


Тие сметаат дека врз општествената структура на групата шимпанза влијаела и смртта на неколку клучни постари единки во годините што ѝ претходеле на поделбата.

„Нивната ненадејна смрт веројатно ги ослабела врските меѓу заедниците, што потоа ја направило групата ранлива на оваа поларизација што се случила кога дошло до промена на алфа-мажјакот. Потоа дошло и до епидемија на болест во 2017 година, која веројатно го направила распадот неизбежен или малку го забрзала“, рекол Сандел.

Тој првите знаци на невообичаено однесување кај шимпанзата ги забележал две години пред епидемијата.


Во истражувањето пишува дека, врз основа на генетски докази, вакви „граѓански војни“ меѓу шимпанзата веројатно се случуваат само еднаш на 500 години.

Сандел смета дека појави како сечењето шуми, климатските промени и епидемиите би можеле да ги направат судирите внатре во групите шимпанза почести.