[ФОТО/ВИДЕО] Невообичаен протест во Јужна Америка: Стотици кловнови излегле на улиците, а министерката ја прашале „дали имала детство“

Точка

02/04/2026

21:58

287

Големина на фонт

а а а

Стотици кловнови марширале низ улиците на главниот град на Боливија за да протестираат против владината уредба што ги ограничува воннаставните активности во училиштата, загрозувајќи им ја егзистенцијата.

Со шминка на лицата и препознатливите црвени носови, кловновите во понеделникот се собрале пред Министерството за образование во Ла Паз за да се спротивстават на уредбата објавена во февруари.

Новата мерка пропишува училиштата да имаат 200 наставни дена годишно, што во пракса забранува организирање посебни настани на кои овие забавувачи често се ангажираат.


Во Боливија, кловновите често се ангажираат за училишни свечености за да ги забавуваат децата за време на паузите меѓу редовната настава. Еден од таквите настани е Денот на децата, кој во таа земја се одбележува на 12 април.

„Оваа уредба економски ќе нè погоди сите нас што работиме со деца“, изјавил Вилдер Рамирез, лидер на локалниот синдикат на кловнови, кој е познат и под името Запалито.

Тој им рекол на новинарите дека „децата треба да се смеат“, додека неговите колеги се прашувале дали министерката за образование на Боливија некогаш имала детство.

Уредбата што ја донела владата на неодамна избраниот претседател Родриго Паз наведува дека прославите повеќе нема да бидат дозволени за време на редовните училишни денови, иако можат доброволно да се одржуваат за време на викендите. Владините претставници изјавиле дека ќе ги земат предвид критиките на кловновите при изработката на уредбата за учебната 2027 година.


Меѓутоа, тие уверувања не им донесоа многу олеснување на кловновите кои протестирале во понеделникот.

„Оваа уредба ќе нѝ ги намали приходите, а со економската криза низ која минува земјата, нашата иднина изгледа сè помрачна“, изјавил Елијас Гутиерез, портпаролот на Конфедерацијата на занаетчиски работници на Боливија.


Боливија се соочува со најтешката економска криза во последните неколку децении. Приходите од природен гас нагло опаѓаат по долготрајниот пад на производството, а американските долари стануваат сè поретки, што го поскапува увозот во оваа континентална земја.


Кројачите кои работат со кловновите и изработуваат костими за деца за културни настани, како и фотографите кои обично ги следат училишните прослави, им се придружиле на протестите во понеделникот.

Кловновите, фотографите и изработувачите на костими марширале низ центарот на Ла Паз, дувајќи во свирчиња и палејќи мали огномети.


Еден од кловновите носел транспарент на кој пишувало дека владата „ги одзема насмевките и ја одзема работата“.