Во новото, генијално промотивно видео, познатата компанија „Lego“ успеа да ја спои напнатоста на Светското првенство со детската радост на составување коцки.
Под слоганот „Everyone wants a piece“ („Сите сакаат дел“), кампањата обединува четири од најголемите ѕвезди на денешниот фудбал во неочекувана и напната ситуација.
Видеото започнува во минималистичка, помалку футуристичка кружна просторија. На тркалезна маса седи Кристијано Роналдо и внимателно додава златни коцки на недовршениот „Lego“ модел на култниот трофеј на Светското првенство.
Набрзо му се придружуваат и останатите фудбалски великани Винисиус Жуниор, Килијан Мбапе и Лионел Меси.
Она што започнува како мирно заедничко составување на трофејот, брзо се претвора во суптилно, но интензивно натпреварување. Се открива дека секој од играчите има мала „Lego“ мини-фигура со свој лик. Како што трофејот се приближува до завршување, секој играч се обидува токму својата фигура да ја постави на врвот или покрај самиот трофеј.
Масата, која функционира како ротирачка платформа, почнува да се врти сè побрзо. Ѕвездите се натпреваруваат, додавајќи коцки со брзина, додека напнатоста го достигнува врвот – кој ќе ја однесе победата и ќе го постави својот лик покрај најпосакуваниот пехар на светот?
Кога вртоглавата ротација на масата конечно ќе запре, фудбалерите ги очекува изненадување. Наместо еден од славните играчи, на масата седи непознато момче во син дуксер.

Додека легендите го гледаат во целосно чудење, момчето смирено отвора скриена преграда во самиот златен „Lego“ трофеј и од внатре вади своја мини-фигура која ја поставува на врвот.
Видеото совршено се надоврзува на претставувањето на новата линија производи, прикажана на самиот крај. Кампањата го најавува претстојното лудило на Светското првенство преку пет „Lego“ сетови.
Покрај големиот, детален колекционерски модел на трофејот на Светското првенство, во продажба ќе бидат пуштени и четири помали сетови посветени на секој од играчите од видеото: Меси, Роналдо, Мбапе и Винисиус, со нивните фигури и мали фудбалски поставки.









