[ФОТО] Ви ги претставуваме портретите на последните бурнеши: Ја раскажуваат приказната за Албанките кои се согласиле да живеат како мажи

Точка

02/04/2026

19:14

630

Големина на фонт

а а а

Веројатно сте слушнале за „вирџини“ — жени кои, под притисок на патријархатот, прифаќале да живеат како мажи, но тој обичај не е закопан во далечното минато — некои и денес така живеат. Ова се лицата на последните албански бурнеши.

„Бурнеши“, „заколнати девици“ (Sworn Virgins) или „вирџини“ биле специфична општествена појава на Балканот — жени кои, под притисок на патријархатот, се заветувале на доживотен целибат и живееле како мажи. Изгледале и се облекувале како мажи, се посветувале на тешки физички работи, а за возврат ги добивале сите општествени права и слободи што како жени им биле ускратени.

Тие не биле маргинализирани — напротив, често уживале голем углед, а, меѓу другото, само на тој начин можеле да станат глава на семејството и да се најдат на позиции што традиционално биле достапни само за мажите.


Причините за преземање машки родов идентитет најчесто биле општествени, а не лични во современа смисла — недостаток на машки наследник во семејството, избегнување договорен брак, замена на загинат машки член од семејството...

Сепак, исповедите на последните албански бурнеши (денес ги има само неколку), забележани пред неколку години заедно со нивните портрети, ѝ даваат нова димензија на оваа приказна.

Дијана Ракипи Лали, 64 (Драч, Албанија)


На 17 години положила завет на целибат и станала бурнеша. Никогаш не го променила името, но вели дека и никогаш не се покајала за својата одлука и е задоволна од својот живот. Благодарна е за големиот интерес кој се покажува кон националното наследство и во контакт е со други бурнеши. Сите тие се многу горди што албанската крв им тече низ вените.

Хајдар Барди, 80 (Вичидол, Тропај, Албанија)


Хајдар Барди станала бурнеша кога имала 6 години и сама го положила заветот. За неа, жените се под мажите и таа мрази сè женско. Затоа сакала да биде маж, дури го променила името од Фатима во Хајдар. Го сака својот живот, сака да јава коњи и да минува ноќи во планината, што како жена не можела да го прави.

Данјола Дед Ндрепај, 43 (Тропај, Албанија)


Поради семејни проблеми одлучила да стане бурнеша кога имала 20 години. Иако имала 6 браќа (и 3 сестри), смета дека било неопходно да ја донесе оваа одлука. Всушност, требало да студира и да ја заврши Полициската академија, но работите се одвивале поинаку. Својата мајка ја сака најмногу на светот.

Лул Бибе Лука, 79 (Фуш Арез, Албанија)


Бурнеша станала на 24 години. За да се заштити, постојано носела оружје. Како маж, имала одговорни водечки позиции кои не можела да ги има како жена. Многу е задоволна од својот начин на живот, но денес не би го препорачала на девојките. Сепак, веќе не е потребно да се прави таков избор — времињата се променија.

Фатбарда Саџрија, 40 (Фуша Кроја, Албанија)


Веќе се чувствувала како дете-момче и морала да ги издржува родителите кога станала бурнеша на 14 години. Вели дека порано постоеле големи разлики меѓу мажите и жените, а денес тие повеќе не постојат. Затоа не би го препорачала овој начин на живот на девојчињата. Се надева дека младата генерација ќе оди исправено со подигнати глави, ќе живее добар живот и ќе одржува висок морал.

Мира Ласги, 75 (Ругова, Косово)


Откако знаела за себе, била бурнеша. Заветот го положила сама, бидејќи сакала да биде маж. Како дете имала прекар Кајтaз. Живее среќен живот и не жали што е бурнеша. Го сака животот во планините и звукот на овчите ѕвона. Вели дека бурнешите се многу почитувани во општеството и ѝ е драго што светот е заинтересиран да ја слушне нивната приказна. Се надева дека младите ќе се грижат за својата земја и едни за други.

Илмие Лика, 39 (Бурел, Албанија)


Имала 10 години кога одлучила да стане бурнеша и сама го положила заветот. Сакала да го живее својот живот како момче, да јава коњи и да преспива во планината. На жените тоа не им било дозволено. Не се кае за ништо, вели дека ова навистина бил нејзин личен избор.