Ова е новиот „Volkswagen ID. Polo“

Точка

27/03/2026

19:42

481

Големина на фонт

а а а

Фотографии од новите електрични модели „ID. Polo“ и неговата спортска верзија се појавија на интернет во пресрет на официјалната премиера, која се очекува оваа пролет. Иако „Volkswagen“ сè уште не ги откри сите детали, се чини дека клучните информации веќе протекоа во јавноста.

Изворот на фотографиите не е познат. Најпрво се појавија на социјалните мрежи, по што брзо беа отстранети, но како и обично – интернетот ги зачува.

Дизајн инспириран од концептот

Новиот „ID. Polo“ визуелно е многу близок до концептот „Volkswagen ID. 2all“, но во посмирено издание, типично за сериско производство. Ги задржува препознатливите пропорции, но доби класична маска на ладилникот и поконвенционален дизајн на предните светла.

Во однос на концептот, сериската верзија има поголеми ретровизори и помалку нагласени дизајнерски детали, што укажува дека фокусот е ставен на практичноста и секојдневната употреба.

ID. Polo & GTi leaked
by

u/HugoM46 in

Volkswagen

GTI носи поспортски карактер

Спортската верзија носи очекувани промени. „Polo GTI“ во електрично издание има поагресивен преден браник со поголеми отвори за воздух и мрежеста структура.

Отворите за проток на воздух се заменети со вертикални дневни светла, а под маската се истакнуваат црвената линија и GTI ознаката – препознатливи елементи на овој модел.

Димензии и повеќе простор во кабината

„Volkswagen“ веќе ги потврди димензиите на новиот модел. „ID. Polo“ е долг 4053 мм, широк 1816 мм и висок 1530 мм, со меѓуоскино растојание од 2600 мм.

Тоа значи дека по големина е близок до актуелниот „Polo“ на MQB платформата, но со подобра искористеност на просторот. Внатрешноста е подолга за 19 мм, а патниците имаат повеќе простор за глава и нозе на задните седишта.

Багажникот нуди 435 литри, а со преклопување на задните седишта волуменот расте на 1243 литри.


Минималистички ентериер со модерна технологија

Внатрешноста носи комбинација од модерни и класични решенија. Вграден е дигитален инструментален панел од 10,25 инчи, како и инфотејнмент систем со екран од 13 инчи.

Ентериерот е минималистички, но задржува физички копчиња, што претставува промена во однос на претходните модели на „Volkswagen“. Присутни се и волан со две краци, како и метални детали што дополнително го подигнуваат впечатокот за квалитет.

До 226 коњски сили и 450 километри досег

Новиот „ID. Polo“ се базира на платформата MEB+ и доаѓа исклучиво со погон на предните тркала.

Купувачите ќе можат да избираат меѓу повеќе верзии – од основна со 110 коњски сили , посилна со 135 коњски сили и спортска со 211 коњски сили. GTI изведбата пристигнува една година подоцна и ќе развива 226 коњски сили.

Послабите верзии користат батерија со капацитет од 37 kWh и поддржуваат брзо полнење до 90 kW. Посилните верзии доаѓаат со поголема батерија од 52 kWh, која овозможува досег до 450 километри и поддржува побрзо полнење до 130 kW.


Премиера наскоро, цената позната

„Volkswagen“ наскоро официјално ќе ја претстави новата електрична гама „ID. Polo“, а претходно беше најавено дека почетната цена ќе изнесува околу 25.000 евра.

Со оглед на позиционирањето, „ID. Polo“ би можел да стане еден од клучните модели во портфолиото на „Volkswagen“ во ерата на електрификација, особено во сегментот на достапни електрични автомобили.