Историјата на часовничарството често се раскажува како приказна за прецизност, инженерство и техничка генијалност, но ако се погледне внимателно, постои една тивка историска иронија.
Додека господата со внимателни движења ги ваделе своите џебни часовници од елеците, жените веќе го направиле она што денес го сметаме за најприродно нешто на светот, го ставиле времето на раката.
Рачниот часовник, симбол на модерниот живот, стил и дисциплина, всушност прво бил прифатен од жените. Во XIX век, кога мажите сè уште го носеле времето како предмет во џеб, жените почнале да го носат како накит, како дел од телото, како нешто лично и интимно. Таа промена изгледала мала, речиси незабележлива, но ја променила целата култура на часовниците.
Не е случајно што токму во часовничарството жените оставиле длабока трага. Во разговор што го водевме оваа година во Виена, за време на средбата со раководството на Longines, извршниот директор Патрик Ауан го формулираше тоа со една едноставна, но значајна реченица, часовничарството им должи многу на жените, тие беа првите кои го носеа часовникот на раката, долго пред тоа да стане стандард за сите.

Од таа перспектива, приказната за Longines не може да се раскаже без жените кои не само што ја носеле неговата елеганција на зглобот, туку и го претставувале пионерскиот дух што брендот го слави повеќе од еден век.
Една од нив е Амелија Ерхарт, легендарната пилотка која во 1932 година стана првата жена што самостојно го прелета Атлантикот. Во ера кога небото сè уште се сметаше за машка територија, Ерхарт ја претвори храброста во нова норма. Нејзиниот лет не беше само рекорд, беше порака дека хоризонтите се пошироки отколку што општеството тогаш било подготвено да признае. Таа беше една од жените чие име остана впишано и во историјата на Longines.

Неколку децении подоцна, друга жена го оттурна хоризонтот уште подалеку. Жаклин Кокран, во 1953 година, стана првата жена која ја проби звучната бариера. Во авијацијата, како и во часовничарството, постојат моменти кога историјата се движи со огромна брзина. Кокран беше еден од тие моменти, жена која не се обидуваше да се вклопи во правилата на своето време, туку да ги помести.

Но пионерскиот дух не се мери само во брзина, понекогаш се мери во упорност и во долг пат. Во 1930 година Ејми Џонсон сама полета од Англија кон Австралија и прелета 17.700 километри за само деветнаесет дена. Нејзиниот лет беше доказ дека храброста може да ја надмине географијата, и дека границите на картата не се секогаш граници на можностите.

Младоста исто така знае да биде револуционерна сила. Елинор Смит имаше само шеснаесет години кога стана најмладиот лиценциран пилот во Соединетите Држави. Возраст кога повеќето луѓе допрва го откриваат светот, таа веќе леташе над него, поставувајќи и рекорд во височина на лет.

А за некои жени рекордите не се цел, туку навика. Рут Николс во еден период истовремено ги држеше рекордите за височина, брзина и далечина на лет, редок подвиг во историјата на авијацијата.

Денес пионерскиот дух продолжува да живее во нови форми. Во светот на екстремните спортови, Жералдин Фаснахт го носи истиот немирен импулс што ги движел и првите авијациски хероини. Нејзините спуштања од планинските врвови и летовите со wingsuit се современа верзија на истата стара човечка желба, да се оди подалеку од она што изгледа возможно.

Сите овие жени имаат една заедничка нишка, тие не само што ги поместувале границите на своето време, туку и биле дел од пошироката историја на Longines, жени кои ги носеле часовниците на брендот додека го освојувале небото, планините и рекордите.
И можеби токму во тоа лежи вистинската симболика на часовникот. Тој не е само инструмент што ги мери часовите и минутите, тој е сведок на моментите кога некој се осмелил да направи нешто што изгледало невозможно.
А ако се вратиме на самиот почеток на оваа приказна, ќе видиме една едноставна, но значајна вистина, времето што денес сите го носиме на раката, најпрво било ставено таму од жени.

И понекогаш токму тие тивки промени, кога нешто се носи поинаку, се гледа поинаку или се осмелува поинаку, се оние што ја менуваат историјата.















