Американците ги разбесни потегот на Трамп: Експертите открија зошто е толку опседнат

Точка

30/03/2026

21:15

615

Големина на фонт

а а а

Позлатувањето на Овалната соба од страна на американскиот претседател Доналд Трамп предизвика бура ширум светот. Просторот сега е полн со слики во златни рамки, златни амблеми што висат на ѕидовите, златни завеси, подметнувачи, вазни и трофеи.

Освен Овалната соба, се очекува и балската сала во Белата куќа да биде покриена со злато, судејќи според приказите на просторот.

„Фасцинацијата на Доналд Трамп со златната боја е документирана со децении. Многу пред да стане претседател“, изјавила психотерапевтката Манахил Ријаз.


Тоа е видливо преку златните натписи на Трамповата кула и златната дневна соба на сега веќе познатата семејна фотографија на Трамп, неговата сопруга Меланија и синот Барон.

Терапевти и експерти за теорија на бои изјавиле за „HuffPost“ дека склоноста на претседателот кон златото би можела да биде многу симболична.


Златната боја се поврзува со успех, достигнувања и статус

„Во психологијата на боите, златната се поврзува со достигнувања, авторитет и статус, или со некој кој става силен акцент на успехот и признанието. Златната едноставно станува визуелна кратенка за тие квалитети. Значи, тоа е она со што Трамп сака да се поврзува – со достигнувања, авторитет и статус“, објаснила експертката.

„Фараоните биле погребувани со златни предмети затоа што самиот метал го симболизирал вечниот живот, светиот авторитет“, додала таа.


Во други култури, како оние на Блискиот Исток, златото се подарува за време на важни животни пресвртници како симбол на просперитет и генерациско богатство. Ширум светот, кога ќе видиме злато, го поврзуваме со успех или победа, додала Дениз Дадли, клиничка психологинка и експертка за однесување.

„Како олимпискиот златен медал“, рекла Дадли.


Ријаз нагласила дека предметите и декорот всушност не мора да бидат изработени од злато за да ги претставуваат тие вредности. Самата боја е симбол за тоа, без разлика дали станува збор за златни завеси или вистински златен ѓердан.


„Трамп сака да покаже дека има контрола и моќ“

„Мислам дека тоа е дизајнерски избор што на некој начин претставува фалење, а со кој сака да им покаже на луѓето дека има контрола и моќ и дека луѓето треба да се плашат од него и да му се обраќаат за совет и заштита“, изјавила таа.

Златниот декор ја одразува нееднаквоста, а експертите велат дека Трамп веројатно токму тоа го сака.

„Некој кој се фали со сето тоа злато веројатно се обидува да направи разлика меѓу богатите и сиромашните“, рекла Дадли.


„Трамп сака да забележиме дека тој е еден од оние кои имаат и задоволен е ако може да ја истакне разликата меѓу себе како богат и сите останати“, рекла оваа експертка.

Според Дадли, употребата на злато од страна на Трамп во Овалната соба е пример за „сигнализирање на идентитет“, односно кога „луѓето користат визуелни знаци – тоа може да биде како изгледа мојата куќа, тоа може да биде она што го носам – за да покажат како се гледаат себеси“.


„Има златни букви и златни украси насекаде, сè бојадисува во златно и сè е златно, златно, златно“, забележала Дадли, додавајќи: „И верувам дека Трамп со тоа ја покажува својата лична приказна за брендот … успех, авторитет, доминација и надмоќ над сите други“.


И поранешните претседатели ја уредувале Овалната соба за да го одразува нивниот вкус и стил на лидерство. Претседателот Барак Обама поставил кремаст тепих со цитати од поранешни лидери.

Претседателот Џо Бајден закачил портрет од Бенџамин Френклин и изложил бисти на познати водачи на движењето за граѓански права. Но Овалната соба „облеана“ во злато значително се разликува од тие промени.


„Тоа веројатно зборува за неговата пренагласена личност и за неговото уверување дека е над законот, дека може да прави што сака и дека треба што повизуелно да ја покаже својата моќ“, заклучила Дадли.