[ВИДЕО] Од животот на Игор Џамбазов може да се сними неверојатен филм, ова е неговата нова потресна исповед: „Добив неколку шлаканици, ме ставија во кола, ме однесоа во Арачиново...“

Точка

04/03/2026

15:45

992

Големина на фонт

а а а

Има една стара, добро позната реченица: „Светец не се станува со туѓи гревови“. Но, дури на сопствена кожа не искусиме некои работи, болки, грижа на совест и она најтешкото – како да си простиме себеси – егото често ни е најдобар пријател.

Еден од најдобрите македонски актери, музичари, шоумени итн., Игор Џамбазов, освен по брилијантната кариера е познат и по својот турбулентен начин на живот и необична младост. Но, тоа не го крие, ниту пак, се обидува на некој начин да претстави поинаква слика за себеси пред јавноста. Овој човек, секоја своја грешка, болка и животна лекција ја споделува на овој или оној начин. Токму и неговата брутална искреност го прави тоа што е денес. И затоа ја има почитта од многумина.

Во неодамнешно интервју за „Курир.мк“ , Џамбазов зборуваше за моменти од својот живот кои биле исклучително тешки и опасни, особено во периодите кога имал финансиски проблеми.

Ви пренесуваме дел од неговото интервју.


„Да, тогаш се исплашив таа вечер, заврши ’Пирамида‘. Во понеделник беше ’Пирамида‘, јас требаше во четврток да ги вратам парите. И сега, во тоа време знаеш, од таа агонија викаш: ’Чекај да заврши емисијата, ќе дојдам дома, па ќе мислам за четврток‘. Но, не дочекаа четврток. Јас излегував, за секој случај, од задниот излез на Македонска телевизија. Тука ме чекаа, добив неколку шлаканици, ме ставија во кола, ме однесоа во Арачиново. Ме кутнаа на земја, три-четворица ме удираа баш фино, многу фино знаеја да не ме удираат по лице, оти без лицето нема да ги вратам парите, не можам да се појавам на телевизија. Се сеќавам дека ѝ се јавуваа на Искра по телефон, ме удираа за да пуштам звук, ама јас к’на од Козле, па не пуштам звук, разбираш? Па тоа … тоа се … Сега некој кога ќе ми каже: ’Абе, што ги раскажуваш тие работи?‘, абе луѓе, јас сум ги напишал овие работи во книга. Ги раскажувам не за да се фалам или да ви кукам, туку за да не ви се случи истото и вам. Значи, бегајте од обложувалници, од автомат клубови, од брзи кредити, од каматари, бегајте од тоа! Секој си има свое сонце на оваа планета. Секој може да си го пронајде сопственото сонце, дали во себе, дали во блискиот свој, во неговото опкружување. За секого има решение, секој има шанса да живее добар живот. Но, со овие 3-4 предуслови, со овие 3-4 одвратни работи што уништиле многу животи … едноставно … знаеш, дете на 18 ќе заглави со брзи кредити заради комар, но не заглавува само детето, мајка, тато, братучед му, целото семејство, фирмата каде што работи …“

Актерот преку своето искуство се обидува да испрати порака до младите

Со отвореност и искреност, Игор Џамбазов упати апел до младите, но и до сите што лесно можат да западнат во финансиски замки. Тој предупредува дека примамливите понуди за брзи кредити, коцкање, автомат-клубови и „лесна заработка“ често носат тешки последици кои не ги погодуваат само поединците, туку и нивните семејства и пријатели.

Џамбазов нагласува дека грешките се составен дел од младоста и дека никој не е имун на погрешни избори. Но, суштината е тие искуства да бидат лекција, а не товар што ќе ја одбележи иднината. Наместо краткорочна добивка, потребни се трпение, одговорност и свесност за вредноста на стабилноста и мирот.

Преку своите книги, јавни настапи, гостувања во емисии и поткасти, како и преку социјалните мрежи, тој постојано споделува лични приказни и пораки со цел да охрабри и предупреди. Неговата поента е јасна – вистинското богатство не се мери во брзи пари, туку во мудри одлуки и во тоа да го цениме она што веќе го имаме.