„Warner Bros.“ работи на „Game of Thrones“ филм: Во фокус лик кој не се појавуваше во сериите

Точка

04/03/2026

08:45

364

Големина на фонт

а а а

„Warner Bros.“ работи на филм од светот на „Game of Thrones“, а сценариото за овој голем проект го напишал Бо Вилимон, автор и сценарист познат по работата на серијата „Andor“ и како главен автор и продуцент на серијата „House of Cards“.

Приказната би требало да се темели на ликот на Аегон I Таргариен, познат и како Аегон Освојувачот, кој со употреба на своите змејови го обединил поголемиот дел од Вестерос и ја основал династијата Таргариен околу 300 години пред настаните од оригиналната телевизиска серија.


„Извори наведуваат дека раководниот тим на „WBD“ бил воодушевен од нацртот на Вилимон и дека приказната треба да се фокусира на Аегон I, кој ја изнедрил династијата Таргариен и обединил шест од седумте кралства преку крваво освојување околу 300 години пред оригиналната пилот-епизода „Game of Thrones“. Целата „Game of Thrones“ произлегува од него, а никогаш не сте го виделе во ниту една од сериите“, наведува „The Wrap“.

Првиот нацрт на сценариото наводно веќе е предаден на „Warner Bros.“, но сè уште не е потврдено дали проектот ќе биде реализиран до крај, иако идејата за филмска верзија на овој епски свет долго време била разгледувана.

Засега нема официјални детали за режисерот ниту за актерската екипа, но филмот, доколку се реализира, би бил првото претставување на франшизата на големото платно, имајќи предвид дека досега главно беше телевизиска и продолжува да се шири преку други „HBO“ проекти.


Серијата „Game of Thrones“ се емитуваше од 2011 до 2019 година на „HBO“ и се темели на циклусот романи „A Song of Ice and Fire“ од авторот Џорџ Р. Р. Мартин. Во текот на осум сезони ја следеше борбата на благородничките куќи за Железниот престол и власта над континентот Вестерос, комбинирајќи политички интриги, војни, семејни судири и натприродни закани како што се Белите одачи.

Серијата освои десетици награди Еми и стана глобален феномен, позната по големата продукција, комплексните ликови и непредвидливите заплети.

Иако завршната сезона предизвика поделени реакции кај публиката, „Game of Thrones“ остана една од најгледаните и највлијателните серии во историјата на телевизијата.