[ВИДЕО] „Беше исчезнат повеќе од 45 дена, кога го најдоа, практично немаше по што да се идентификува“: Сузана Турунџиева за болката која сѐ уште не поминува

Точка

28/02/2026

17:17

2.456

Големина на фонт

а а а

Водителката Сузана Турунџиева отворено и искрено зборуваше за една од најтешките ситуации во својот живот – мистериозната смрт на нејзиниот брат Панде Турунџиев, кој на 36-годишна возраст го загуби животот во Канада.

Трагедијата се случила во 2001 година, а Панде бил исчезнат повеќе од 45 дена. Кога конечно бил пронајден, состојбата била таква што телото речиси и не можело да се идентификува, открива неговата сестра Сузана чија болка ја следи низ животот. 

За овој немил настан Сузана Турунџиева говореше во поткастот „Равенка за успех“:

„Настанот од 2001 година останува сè уште мистерија за нас. Една е само вистината дека брат ми никогаш повторно не се појави. Ние и по погребот што го направивме, години потоа живеевме со надежта дека можеби од некаде ќе се појави, бидејќи никој од нас не го виде.

Брат ми беше исчезнат подолго од 45 дена. Во моментот кога го пронајдоа, практично и немаше што да се идентификува, освен неговата јакна и неговиот часовник и тоа го направи мојата снаа. Меѓутоа, кога не сакаш да веруваш во најлошото, некако и не веруваш во најлошото. Ти не си го видел и исто како ништо да не се случило, нели? Си ја крепиш надежта и умот дека можеби, можеби па и не е тој. А после извесен период во твојот живот сфаќаш дека не така“, вели Сузана. 


За потсетување, Панде Турунџиев, според написите во медиумите, најпрво бил киднапиран, па убиен под неразјаснети околности, кои семејството никогаш не ги дознало и до крај никогаш не биле расветлени.