Актерот Харисон Форд истакнува дека во бракот со сопругата Калиста Флокхарт се придржува до едноставно, но важно правило.
Имено, 83-годишниот актер отворено зборуваше за својата врска за „E! News“, каде што Форд истакна едно правило што подеднакво се однесува на нивниот приватен живот, како и на професионалните одлуки.
„Никогаш не ѝ кажувам на сопругата што да прави“, порача Форд.

Во таа прилика откри дека таа самата ќе одлучи дали ќе се појави во хумористичната серија „Shrinking“, каде што Форд толкува една од улогите.
Инаку, Форд во неделата ја прими годишната награда за животно дело од SAG-AFTRA. На сцената одржа емотивен говор, кој на неговата сопруга ѝ измами солзи.
„Понекогаш создаваме забава, понекогаш создаваме уметност. Понекогаш имаме среќа да ги создаваме и двете истовремено, а ако сме навистина среќни, можеме и да заработуваме за живот од тоа. Навистина сум среќен човек. Среќен што ги пронајдов своите луѓе, среќен што имам работа што ме предизвикува, среќен што сè уште ја работам и тоа не го земам здраво за готово“, порача тој.

Форд потоа ѝ се заблагодари на својата „исклучителна, прекрасна сопруга“ Флокхарт и на семејството што му дало љубов и храброст низ сето тоа. Флокхарт, која седеше во публиката, можеше да се види како плаче додека го слушаше говорот на својот сопруг.
Парот се запознал на доделувањето на Златните глобуси во 2002 година, а се венчаа во 2010 година. Во јуни ќе ја прослават 16-годишнината од бракот.
Минатата година, Форд отворено зборуваше за романсата со поранешната ѕвезда од „Ally McBeal“ за време на гостувањето во емисијата „Wild Card“ со Рејчел Мартин. Во таа прилика сподели и што го научила возраста за љубовта, велејќи дека и старите луѓе можат да сакаат.








