Метју Меконахи смета дека отпорот кон „AI“ нема долго да трае – „преголеми пари се во игра“

Точка

25/02/2026

15:08

360

Големина на фонт

а а а

Меконахи истакна дека присуството на „AI“ веќе е неизбежно и дека отпорот е бесмислен, додавајќи дека клучот е во приспособувањето.

„Нема да биде доволно да седите настрана и да изнесувате морален став дека тоа е погрешно. Тоа нема да трае. Преголеми пари се во игра, а технологијата е премногу продуктивна“, смета актерот.

Оскаровецот Метју Меконахи оценува дека отпорот кон развојот на вештачката интелигенција нема да има долг век, бидејќи станува збор за индустрија во која „се вртат огромни пари“, пренесува „Vijesti.me“.

Одговарајќи на прашање за растечкото влијание на вештачката интелигенција, Меконахи нагласи дека присуството на „AI“ веќе е неизбежно.


„Нема да биде доволно да седите настрана и да изнесувате морален став дека тоа е погрешно. Тоа нема да трае. Преголеми пари се во игра, а технологијата е премногу продуктивна“, повтори тој, додавајќи дека најдобриот начин на заштита е – заштитата на сопствениот идентитет.

Тој советува гласот, ликот и сè останато да се заштитат со жиг.

„Направете што било потребно, за никој да не може да ве ’украде‘ кога ќе дојде тоа време“, додаде Меконахи.


Неговите изјави доаѓаат откако, според пишувањето на „Wall Street Journal“, добил одобрение од американскиот Завод за патенти и жигови за осум пријави за заштита на трговска марка. Меѓу заштитените материјали се кратки видеоснимки, како и аудиоснимка од неговата легендарна реплика „Alright, alright, alright“ од филмот „Dazed and Confused“.

Заштитата опфаќа, меѓу другото, видео-снимка од седум секунди на која стои на трем, триминутна снимка пред новогодишна елка, како и споменатиот аудиоклип со препознатливата реченица што стана дел од поп-културата.

По неговите изјави за „AI“, дел од јавноста укажа на можен судир на интереси.


Меконахи неодамна откри дека веќе неколку години е инвеститор во компанијата „ElevenLabs“, која се занимава со развој на софтвер за вештачка интелигенција и синтеза на говор.

Критичарите сметаат дека неговата одбрана и прагматичниот пристап кон развојот на „AI“ технологијата можеби се мотивирани и од финансиски интереси.

Сепак, актерот порачува дека иднината веќе пристигнала и дека, наместо отпор, клучно е приспособувањето и правната заштита на сопствениот идентитет во дигиталната ера.