Арехологинката Шоку Хосрави во западниот дел од Иран документирала повеќе од 7.000 отпечатоци од печати и стотици други артефакти од древен административен систем, стари околу 5.000 години.
Наоѓалиштето Тапех Тјалинех во покраината Керманшах, според оценките на експертите, би можело да потврди дека таа област во бронзеното време била значаен трговски центар.
Како што е објавено во стручниот магазин „Антиквити“, Хосрави евидентирала повеќе од 7.000 отпечатоци од печати, повеќе од 200 глинени фигурини, глинени плочки и два цилиндрични затворачи од локалитетот Тапех Тјалинех, пренесе германскиот „Шпигел“.
Староста на предметите сè уште не е прецизно утврдена, но според прелиминарната процена се верува дека се стари околу пет илјади години.
„Ова е најголемата позната колекција на административни артефакти од доцната праисторија на античкиот свет“, изјавила Хосрави.

Хосрави, од Универзитетот Курдистан во Санандаџ, оценила дека откритието потврдува дека Тапех Тјалинех во бронзеното време бил важен трговски центар.
Како и на други места, била развиена рана бирократија за евидентирање на трговијата и складирањето на стоки.
Печатите биле користени за затворање на вратите на складишните простории, вреќи, ќупови и потврди за прием на стока.
Иако анализите сè уште не се завршени, се претпоставува дека служеле за транспорт, складирање и размена на масло, вино и пиво.
Слични наоди од порани периоди се познати од други делови на Блискиот Исток, но не во ваков обем, ниту од висорамнината во северозападен Иран.
Првите отпечатоци од печати биле откриени во 1998 година, кога еден жител неовластено отстранувал земја од локалитетот.









