Алармантно предупредување од Брисел: Пристигнува „пекол“ за кој речиси никој не е подготвен во Европа

Точка

18/02/2026

20:19

1.915

Големина на фонт

а а а

Европејците веќе секојдневно ги чувствуваат последиците од климатските промени - од екстремна топлина и шумски пожари, до поплави и недостиг на вода.

Ново истражување на Европската агенција за заштита на животната средина покажува дека дури 80 проценти од граѓаните на ЕУ тврдат дека се лично погодени од овие проблеми, додека секој петти жител не презел никакви мерки за заштита на својот дом.

Европа е под удар на екстремна топлина, поплави, пожари, недостиг на вода...

Според извештајот, во кој учествувале 27.000 луѓе од 27 земји на Европската Унија, 80 проценти од испитаниците изјавиле дека во последните пет години почувствувале барем еден проблем поврзан со климатските промени: екстремна топлина, поплави, шумски пожари, недостиг на вода.


Целта на истражувањето не била само да се мапира влијанието на климатските промени, туку пред сè да се одговори на прашањето како жителите на Европската Унија се справуваат со новите услови.

Според студијата, дури 38 проценти од испитаниците рекле дека не можат да си дозволат доволно да го разладат својот дом во текот на летото.

Ова е проблем што е особено изразен во источните земји на Европската Унија. Најлошо рангирани се Полска и Литванија, каде што нивниот удел е над 50 проценти, но и Словачка, Унгарија, Грција...

Генерално, студијата ги покажува географските, климатските и економските разлики што постојат помеѓу различните региони на ЕУ: земјите на југ и исток се истовремено повеќе погодени од последиците од климатските промени, а помалку подготвени да се справат со овие последици.


Како што е наведено во студијата на „ЕЕА“, секој петти жител на Европската Унија не имплементирал ниту една мерка за заштита од екстремни климатски услови. Ова вклучува инсталација на клима уреди, но и заштита од поплави и инсталација на системи за собирање дождовница, осигурување од временски услови, купување систем на батерии за куќата и слично.