Археолошко богатство во Нормандија: Пронајдени траги од населби стари 7000 години

Точка

22/02/2026

14:09

560

Големина на фонт

а а а

За време на ископувањата во француската општина Екуше ле Вале, во регионот Нормандија, археолозите пронашле докази кои потврдуваат дека луѓето го населувале тоа подрачје пред 7000 години, пренесе денеска „Фигаро“.

Националниот институт за превентивни археолошки истражувања на тоа подрачје започнал ископувања поради проширување на каменолом за варовник, на барање на државата и компанијата што управува со каменоломот, по што биле откриени два локалитети еден под друг – од неолитот и од бронзеното време.

Двата локалитети се оддалечени околу десетина метри еден од друг, при што едниот датира од 4900 година пред нашата ера, односно од неолитскиот период – од 6000 до 2300 година пред нашата ера, а другиот е гробница од бронзеното време, меѓу 2300 и 800 година пред нашата ера, за која се проценува дека потекнува од околу 1900 година пред нашата ера.


„Тоа нужно не значи дека локалитетот бил континуирано населен во текот на целиот овој период. Но пронајдените артефакти сведочат за негово населување во различни времиња“, изјавил водачот на археолошкиот тим, Емануел Гескјер.

Тој посочил дека се верува оти наоѓалиштето од неолитскиот период содржи куќи од земја и дрво, веројатно со сламени покриви, во кои живееле околу десетина луѓе.

Три илјади години подоцна и на само десет метри оддалеченост, била пронајдена гробница од бронзеното време.

„Не пронајдовме тело поради киселоста на почвата. Но оваа гробница е прилично симболична за раното бронзено време“, рекол Гескјер.


Тој додал дека во гробницата биле пронајдени „31 фино изработен врв од стрела од кремен и два бронзени бодежи, со должина од 20 и 30 сантиметри“.

„Врвовите на стрелите од кремен биле таму исклучиво за декорација, како некаков вид медал на Легијата на честа од тоа време. Премногу фини за да служат за каква било друга намена, со ниво на вештина што може да се припише само на мајстори-занаетчии“, истакнал Гескјер, пренесе Танјуг.