Илјадници француски продавници почнаа да применуваат вештачка интелигенција за да ги намалат кражбите, при што софтверот во реално време го анализира движењето на купувачите и означува сомнително однесување.
Иако трговците тврдат дека технологијата значително им ги намалила загубите, таа отвора сериозни прашања за приватноста и транспарентноста, бидејќи нејзината употреба главно не е регулирана.

Софтверот ги анализира снимките од надзорните камери во продавниците и автоматски испраќа краток видео-исечок до персоналот кога ќе детектира сомнителни гестови, како ставање производ во торба или повторено допирање на производ без негово скенирање на каса. Нелсон Лопеш, раководител на супермаркет во Монтреј близу Париз, вели дека системот најдобро го препознава криењето производи, а продавниците по предупредувањето дополнително ги следат снимките од камерите.

Сопственикот на супермаркет Арул Џадсон истакнува дека во првата година од работењето без "AI" изгубил речиси 60.000 евра, додека сега загубите се преполовени. Париската аптека на Латифа Гарби плаќа 200 евра месечно за надградба на камерите со "AI" технологија, со што годишно заштедува околу 4.000 евра и избегнува трошок за вработување обезбедување.

Употребата на оваа технологија моментално е во правна сива зона бидејќи Франција нема закон што посебно го регулира бихејвиоралниот надзор со "AI" во комерцијални простори, а продавниците не се обврзани да ги информираат купувачите за нејзината примена. Француското тело за заштита на податоци „CNIL“ предупреди дека комерцијалната употреба на вакви камери без законска рамка не е дозволена, но софтверскиот стартап „Veesion“ веќе опремил меѓу 2.000 и 3.000 продавници низ Франција.

Извршниот директор на „Veesion“, Тиболд Давид, тврди дека технологијата е во согласност со „GDPR“ и дека не врши биометриска анализа. Многу купувачи сметаат дека "AI" е алатка за заштита на бизнисите во време на раст на кражбите и трошоците за живот, а корисничката Лоан истакнува дека не ѝ пречи сè додека податоците не се споделуваат.

Додека законодавците размислуваат за регулирање на "AI" надзорот, расправата за границите меѓу безбедноста и приватноста веројатно ќе продолжи и во наредните години.











