За милиони домаќинства мачките се членови на семејството. Новите генетски истражувања сугерираат дека тие би можеле да им помогнат на научниците подобро да го разберат ракот, не само кај животните, туку и кај луѓето.
Во студија објавена во списанието „Science“, истражувачите анализирале тумори кај речиси 500 домашни мачки од пет земји, испитувајќи ги мутациите зад 13 различни видови рак. Ова е досега најдетален генетски увид во мачешките карциноми, а резултатите покажуваат јасни преклопувања со човечките болести.
„Иако ваквите врски помеѓу кучињата и луѓето се истакнати со претходни истражувања, практично немаше ништо за мачките“, рекла Луиз ван дер Вајден, истражувачка за онкогенетика во британскиот институт „Велком Сангер“ и коавторка на студијата.

„Сепак, мачките, како и кучињата, се одлични модели за нас бидејќи се изложени на истата средина, вклучувајќи загадување и пасивно пушење, и развиваат исти болести како нас, како што се рак и дијабетес“, додала таа.
Заеднички живот
Бидејќи мачките живеат во близок контакт со луѓето, тие се изложени на истите влијанија од околината – од домашни хемикалии до загадување на воздухот. Споредувајќи ја ДНК на туморот со здравото ткиво кај истите животни, научниците идентификувале повторувачки мутации, генетски промени што им даваат предност на клетките на ракот во растот.
„И покрај тоа што домашните мачки се вообичаени миленици, досега многу малку се знаеше за генетиката на ракот кај овие животни. Нашите миленици го делат истиот простор со нас, што значи дека се изложени на истите фактори од околината. Тоа може да ни помогне подобро да разбереме зошто ракот се развива и кај мачките и кај луѓето“, изјавил Џефри Вуд, коавтор на студијата.
Тимот испитал околу 1000 гени кои веќе се поврзани со рак кај луѓето. Во туморите што ги зафаќаат крвта, коските, белите дробови, кожата, дигестивниот тракт и мозокот постојано се појавувале познати обрасци.

Карциномот на млечната жлезда кај мачките е многу агресивен тумор. Повеќе од половина од тие тумори носеле мутации во генот FBXW7, кој кај луѓето е поврзан со полош исход кај одредени видови рак на дојка. Генот PIK3CA, уште еден често изменет ген кај мачките, исто така често е мутиран во човечките тумори на дојка и веќе е цел на одобрени терапии. Овие сличности сугерираат дека одредени карциноми се развиваат на сличен начин кај двата вида. Генетските „слаби точки“ не се исклучиво човечки или мачешки, туку се дел од пошироки биолошки обрасци кај цицачите.
Што значи тоа за иднината?
Во лабораториски експерименти со донирано ткиво од тумори, научниците тестирале како одредени лекови за хемотерапија делуваат на тумори со специфични генетски промени. Раните резултати покажуваат дека мутациите можат директно да влијаат на тоа како туморот реагира на третманот. Иако наодите се добиени од примероци на ткиво, тие укажуваат на иднина во која лекувањето ќе се избира според генетиката на туморот.
Проучувањето на карциномите што природно се појавуваат кај домашните миленици нуди попрецизни податоци отколку туморите што се вештачки предизвикани кај лабораториски животни. Мачките заболуваат спонтано, стареејќи во исти услови како и ние. Доколку идните истражувања ги потврдат овие рани сигнали, клиничките испитувања кај мачките би можеле да помогнат во утврдувањето на најефективните терапии, што на крај би им користело на двата вида.

До неодамна генетиката на ракот кај кучињата добиваше многу повеќе внимание. Со мапирањето на мутациите кај мачките, истражувачите сега имаат рамка за споредба на мачешките и човечките карциноми на молекуларно ниво. Болестите што ги погодуваат нашите миленици не се биолошки изолирани од нашите. Ова знаење не води само кон подобро лекување во ветеринарните клиники, туку нè приближува и до нови решенија во хуманата онкологија.











