Ви треба јадење што е истовремено брзо, хранливо и впечатливо? Неодоливата, вкусна и практична фритата на познатиот британски готвач Гордон Ремзи е токму она што го баравте.
Ако имате димена сланина, јајца и грашок од замрзнувач, веќе сте решиле половина од проблемот, а вака подготвената фритата е збогатена со интензивниот вкус на повеќе видови сирење … и едноставно е неодолива. Потребни се само неколку чекори и кратко печење во рерна за да добиете јадење што освојува на првиот залак, а може да се јаде во кое било време од денот.

Состојки:
8 парчиња димена сланина
1 црвена пиперка
3 млади кромитчиња
150 г замрзнат грашок
една дланка босилек
околу 120 г козјо сирење
8 јајца
3 – 4 лажици рендан пармезан
сол и свежо мелен црн пипер
Подготовка:
Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.
Загрејте малку масло во тава, па пропржете ја ситно сечканата сланина 2 – 3 минути на средна температура.
Додадете ситно сечкана црвена пиперка и пржете уште неколку минути, додека сланината да стане крцкава.
Потоа додадете ситно сечкан млад кромид и динстајте уште околу пет минути, додека сè да омекне.
Измешајте го грашокот и гответе додека да се загрее, па посипете со ситно сечкан босилек и додајте половина од подготвеното козјо сирење.
Изматете ги јајцата, прелијте ги врз смесата, па додајте рендан пармезан и зачинете со сол и пипер.
Кога ќе почне да се стега на дното, изрендајте го преостанатото козјо сирење одозгора и по желба додадете уште малку пипер.
Потоа ставете ја тавата во рерна и печете околу 4 – 5 минути.
Исечете ја фритатата на парчиња пред сервирање.











